Доколку се размислува за предлогот за субвенционирање на платите, субвенциите треба да бидат таргетирани директно кон работниците, а не кон компаниите, оцени денеска Виктор Митевски, претседател на Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, во врска со актуелната дебата за минималната плата.

Како Здружение кое се фокусира на економски прашања, сметаат дека дискусијата за растот на платите мора да биде поврзана со дискусијата за економските резултати на државата.

– Веруваме дека државата треба да го поддржи растот на платите, но истовремено е неопходно да се обезбеди соодветна поддршка за раст на продуктивноста на компаниите. Ова подразбира мерки за поддршка на дигитализација на процесите, примена на напредни технологии и пристап (маркетирање) на производите и услугите до нови пазари. Само преку ваков сеопфатен пристап можеме да осигуриме одржлив економски раст кој ќе биде во корист на сите засегнати страни – велат од ЗМАИ.

Минималната плата, посочува Митевски, треба да продолжи да се зголемува, тоа е еден од социјалните механизми за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Сепак, како држава мораме да се соочиме со суровата реалност, а тоа е ниската продуктивност на нашата економија.

– Растот на платите природно е поголем од растот на економијата, поради трошоците на живот. Сепак, она што останува како проблем е производниот капацитет на нашите компании. Растот на македонската економија е 2.5 проценти и истиот е најнизок и во регионот и во Европа. Растот на минималната плата во минатото дал позитивен резултат со поттик на раст на платите. Доколку правиме споредба во однос на 2016-2017 година кога околу 100.000 граѓани земале минимална плата од 9.000-10.000 денари, денеска за минималец од над 24.000 денари работат 21.000 граѓани, што е многу помал процент од работната сила – наведува Митевски.

Дополнително укажува дека невработеноста која континуирано се намалува и отселувањето на новите генерации на работници вршат засилен притисок врз компаниите за раст на платите и тие продолжуваат да растат.

Сепак, и во услови на раст на платите, гледаме дека имаме недостаток на работна сила и непродуктивна економија. Во оваа насока, додека зборуваме за раст на платите, мораме да ја отвориме и дискусијата за автоматизација на процесите, воведување на модерни технологии во производството, а со тоа и зголемување на производот од оваа работна сила. Тоа е така во сите држави. Според Светската Банка, македонската плата брзо ќе расте бидејќи работниците, како друга опција за вработување да ги гледаат земјите од ЕУ, каде платите се повисоки. Овие земји можат да си ги дозволат повисоките плати, поскапото и поквалитетно образование и здравство бидејќи имаат компании кои се продуктивни – вели Метевски.

Потсетува дека предлогот за зголемена минимална плата со задржување на сегашното ниво на придонеси не е никаква новина и се јавуваше како предлог од коморите кога се воведуваше концептот на минимална плата уште во 2017 година.

Овој предлог, смета ЗМАИ, може да делува како поттик за раст на расположливиот доход на работниците, но тоа создава ризик за системот на социјално осигурување. Намалувањето на придонесите ќе доведе до пониски приходи во буџетот, што би можело да го ослабе пензискиот и здравствениот систем. Дополнително, овој модел би вовел асиметрија во распределбата на трошоците помеѓу државата и работодавачите, што би можело да создаде правна и економска несигурност.

– Ако веќе се размислува за прифаќање на овој предлог, тогаш владата треба да размисли за евентуален модел на субвенции на растот на платите, но тие субвенции да бидат таргетирани директно кон работниците, не кон компаниите. Со таков модел компаниите би ги платиле вкупните придонеси на новата, покачена плата, а државата би го субвенционирала фактичкото зголемување на платите, директно на сметките на работниците. Со оглед на тоа што стандардот мора да продолжи да расте, Владата треба да воведе мерки за поддршка на малите и средни претпријатија, како субвенции за иновации и дигитализација, кои би ја зголемиле продуктивноста и би го олесниле финансискиот товар од повисоките плати. Ова е балансиран пристап што ги задоволува интересите на сите засегнати страни, а истовремено придонесува за природен и постојан раст на платите во економијата – изјави претседателот на ЗМАИ, Виктор Митевски