На своите страници „Илинден“ разгледува повеќе теми од Република Албанија, Балканот и од светот, меѓутоа во сржта на неговата уредувачка политика се афирмацијата на македонскиот јазик и на македонските национални особености во Република Албанија и промовирањето на потребите на македонскиот народ што живее таму. Во ситуација кога официјална Софија преку државните институции и приватни фондации се обидува да ги асимилира припадниците на македонскиот народ во Република Албанија, весникот „Илинден“ на многу јасен начин ја разобличи оваа политика, а пишуваше и за контроверзните дејанија, како што беа уцените за време на пописот кај нашиот сосед од страна на одредени групации и поединци
Повод – четиринаесет години од постоење на македонскиот весник „Илинден“
На 1 март 2011 година излезе од печат првиот број на македонскиот весник „Илинден“, како официјално гласило на македонското друштво „Илинден“-Тирана од Република Албанија.
Денес весникот „Илинден“ е многу повеќе од гласило на споменатото друштво, тој е единствен печатен медиум на македонски јазик кај нашиот западен сосед и во суштина е гласило на македонската заедница во Република Албанија. На своите страници „Илинден“ разгледува повеќе теми од Република Албанија, Балканот и од светот, меѓутоа во сржта на неговата уредувачка политика се афирмацијата на македонскиот јазик и на македонските национални особености во Република Албанија и промовирањето на потребите на македонскиот народ што живее таму.
Како единствен македонски весник кај нашиот западен сосед, на неговите страни може да се прочита за сето она што е најактуелно во македонската заедница во Албанија, па така, во последно време беа актуелни, на пример, темите поврзани за потребата од отворање лекторат по македонски јазик во Корча или потсетување на веќе договорени нешта, како што е долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште–Џепиште, нешто што беше договорено од страна на македонската и албанската влада во 2017 година.
– Во ситуација кога официјална Софија преку државните институции и приватни фондации се обидува да ги асимилира припадниците на македонскиот народ во Република Албанија, весникот „Илинден“ на многу јасен начин ја разобличи оваа политика, а пишуваше и за контроверзните дејанија, како што беа уцените за време на пописот кај нашиот сосед од страна на одредени групации и поединци – велат нашите соговорници.
Поради своите јасни и концизни уредувачки политики, весникот „Илинден“ предизвикува интерес кај читателската публика во Република Албанија, но и кај сите припадници на македонскиот народ, во Република Македонија и македонската дијаспора низ светот.
– Според многубројните дописи што пристигнуваат на електронската адреса на редакцијата од македонски весник „Илинден“, како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во четиринаесетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем и поголем број корисници од македонското национално малцинство во Република Албанија, но и Македонци од целиот свет – нагласуваат од весникот „Илинден“.
Од март 2017 година, „Илинден“, покрај печатената верзија, е достапен и преку интернет-изданието – www.vesnik-ilinden.com, со што весникот може да го читаат сите Македонци од целиот свет. Истата година, поточно од септември 2017, „Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ИССН 2522-6282 (онлајн) и ИССН 2522-4514 (печатен) и е дел од трите најголеми читачи на вести во Македонија: www.grid.mk, www.daily.mk и www.vesti.mk. Од август 2022 година, весникот „Илинден“ е член и на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде што членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.
Треба да се напомене дека сите броеви на весникот „Илинден“ се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библиотеката на Собранието на Република Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, Библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Национална установа библиотека „Григор Прличев – Охрид“ и Државниот архив на Македонија.
– Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да ги поттикнува и да ги одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците низ светот – додаваат од редакцијата на „Илинден“.
Весникот „Илинден“, по повод своето 14-годишно опстојување, им се заблагодари на своите соработници, кои несебично помогнале во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот.
– Од тогаш до денес, весникот „Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија. Наедно, редакцијата ѝ се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажа дека тој навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Република Албанија и го приближи македонскиот литературен јазик за нивна комуникација, изразување и творење – нагласуваат од редакцијата на весникот „Илинден“. Д.Ст.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана
Годинава се одбележуваат и 15 години од оформувањето на македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое беше основано на 6 февруари 2009 година во главниот град на Република Албанија, со цел афирмирање и заштита на македонските национални особености во оваа држава. Повеќе од една деценија, друштвото и нејзиниот претседател Никола Ѓурѓај неуморно работат на заштитата на македонското малцинство, а нивните активности се насочени и на меѓународен план, особено преку Федералната унија на европските националности и Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Преку оваа организација, друштво „Илинден“-Тирана ги афирмира потребите на Македонците од Република Албанија, како пред институциите на Европската Унија така и пред албанските државни институции. Дополнително на ова, во изминативе неколку години членовите на друштвото и Никола Ѓурѓај остварија повеќе работни средби со претставниците на албанските институции, притоа укажувајќи на повеќето проблеми со кои се соочува македонското малцинство.
Од многубројните активности на друштвото може да се одвои и отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, бидејќи иницијативата потекна од работниот состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, и претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана, а тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Во изминатиов период, за одвојување се и многубројните активности на друштвото што беа поврзани со пописот на населението во Република Албанија, кога друштвото и неговите членови правеа напори за создавање услови за нормално изјаснување на Македонците, притоа јасно ги посочуваа и контроверзните дејанија на бугарската држава и нејзините институции, како и на одредени приватни фондации и друштва, кои беа на штета на македонското национално малцинство.
Поради овие активности, македонското друштво „Илинден“-Тирана и Никола Ѓурѓај беа вербално нападнати од страна на поединци и групации, кои се финансиски поддржани од Софија. Меѓутоа и покрај овие притисоци, членовите и симпатизерите на друштво „Илинден“-Тирана нагласуваат дека нема да отстапат од заштитата на македонското малцинство во Република Албанија.
Повеќе од десет години, македонското друштво „Илинден“-Тирана напорно работи на афирмација на потребите на Македонците во Република Албанија, досега се остварени повеќе зацртани планови, но остануваат и повеќе суштински проблеми. Според Никола Ѓурѓај, албанската влада и институции треба да посветат особено внимание на барањето за настава на македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора и насекаде каде што има значителен број Македонци.