Во пресрет на концертниот спектакл „Кендллајт тајмлес“, кој ќе се одржи на 22 март во Македонската филхармонија, многубројни свеќи го осветлија Мостот на уметноста во срцето на Скопје, создавајќи магична атмосфера што го најави овој уникатен музички настан. Настанот, кој се одржа во четвртокот, привлече голем број минувачи и љубители на класичната музика, кои беа сведоци на несекојдневен визуелен спектакл.
Еден од најдобрите млади виолончелисти во светот, Петар Пејчиќ, за првпат ќе настапи пред македонската публика. Со својот исклучителен талент и меѓународни признанија, Пејчиќ веќе е значајно име на светската класична сцена, a веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Toj е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации.
– Навистина сум возбуден што ќе настапам во Скопје за првпат! Ова ќе биде исклучителна вечер исполнета со неверојатна музика, емоции и посебна атмосфера. Со нетрпение очекувам да ја споделам сцената со врвниот камерен оркестар „Профундис“ и да ја почувствувам енергијата на македонската публика – изјави Пејчиќ.
Овој концерт ќе понуди богат и внимателно одбран репертоар, кој ги обединува класичните ремек-дела со современи маестрални композиции. Посебен акцент е ставен на саундтракот од филмот „Часови“, кој за првпат ќе биде изведен во Македонија. Музиката на Филип Глас за овој филм е пример за минималистичката генијалност што носи длабока емоција и меланхолија. Неговата свита ги води слушателите низ слоеви на суптилна експресија, создавајќи атмосфера што остава длабок впечаток.
– Концертот под свеќи ветува музичка вечер исполнета со магија, емоции и врвна уметност. Со безвременскиот саундтрак од „Часови“, извонредниот Петар Пејчиќ и најдобриот македонски камерен оркестар „Профундис“, овој концерт е настан што не смее да се пропушти – велат организаторите.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар што ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светските имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар. „Профундис“ е оркестар што се истакнува по својата иновативност и оригиналност, следејќи ги највисоките стандарди на европските и светски камерни оркестри.
Петар Пејчиќ е еден од најдобрите млади виолончелисти на својата генерација, кој се издвои со својата изведувачка зрелост и креативност. Роден во музичко семејство, своите први часови за виолончело ги започнал со само четири години, а своето музичко образование го продолжил во Германија на Универзитетот за музика и театар „Феликс Менделсон Бархолди“ во Лајпциг, каде што учел под раководство на професор Питер Брунс. Денес, тој е ученик на престижната академија „Кронберг“ во класата на професор Франс Хелмерсон.