Најмладите прилепски креативци покажаа што знаат и умеат
Автентични, креативни, традиционални маски изработени со многу љубов и трпение, над 500 на број, се изложени на изложбата во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Се претставуваат учениците од повеќето основни и средни училишта, зачувувајќи ја традицијата. Изложбата беше дел од карневалот „Прочка 2025“, кој традиционално се одржува во Прилеп. Изложени се најразличен тип маски, традиционални, современи и иновативни изработени во најразлични техники. Жирито составено од професори по ликовно имаше тешка задача да ги избере најдобрите. Сепак наградите заминаа во рацете на учениците што беа креативни и иновативни.
Гран при освои ученикот Дамјан Јанкулоски од ОУ „Кирил и Методиј“ од селото Подмол, Прилепско, додека наградата за традиционална маска ја доби Хана Ајровиќ од ОУ „Пере Тошев“ од Десово.
Кај учениците од прво до петто одделение најубава маска имаше ОУ „Добре Јованоски“, („Дамата од природата“), додека од шесто до деветто одделение за најуспешна беше прогласена маската од Ивана Проданоска, од ОУ „Кире Гаврилоски“.
Наградата за јуниор-маска заврши во рацете на градинката „Бончејца“.
Кај средношколците најуспешен беше Андреј Бошески од СУ „Горче Петров“.
За првпат годинава беа доделени и награди за најиновативна маска. Наградата ја доби Матеј Тодоров од ОУ „Блаже Конески“ за неговата маска „Паметното еже“.
Деветтоодделенецот Матеј речиси секоја година учествува на изложбата со свои креации – маски, и редовно поради неговата креативност освојува награди.
– Третпат учествувам на изложбата. Во седмо освоив прво место, во осмо гран при, а сега во деветто одделение сум награден за иновативната маска „Паметното еже“. Ја работев две недели, а ми помогна мајка ми. Употребив 2.500 филтри, тутунски конец и волница. Со „Паметното еже“ сакав да кажам дека не треба да се пушат цигари и дека се штетни. Традицијата е многу убава и секој треба да биде креативен и да биде дел од карневалот. Многу ме исполнува да изработувам вакви креации – вели Матеј Тодоров.
Ка.М.
Маската „Танц на ангелите“ на ОУ „Кочо Рацин“ првонаградена на карневалот „Прочка“ во Прилеп
Прилепските училишта, особено основните, беа најмногубројни учесници на карневалот „Прочка 2025“. Тие изработија интересни и атрактивни маски, внимателно подготвувани од наставниците и родителите. И заслужено најголемиот дел од наградите им беа доделени токму ним.
Маската „Танц на ангелите“ на учениците од ОУ „Кочо Рацин“ е првонаградена. Публиката беше воодушевена од нејзината атрактивност, уникатност и модерен израз.
Но и дел од другите награди ги освоија групите од основните прилепски училишта, кои исто така се претставија со интересни маски.
Второто место го освои ООУ „Добре Јованоски“ со маската „Вили Вонка и фабрика за чоколада“, а третото место го освоија маската „Времеплов“ на
ООУ „Климент Охридски“ и „Сакај се, сакај ме и чувај се“ на ООУ „Гоце Делчев“.
Најдобра поединечна маска е „Кити брди“ на Мила Спиркоска од ООУ „Климент Охридски“.
Наградата за посебен придонес ја освоија најмладите учесници на карневалот – детската градинка „Наша иднина“со маската „Штрумфови“.
Најдобра традиционална маска на годинашниот прилепски карневал е маската „Јаничари“ на учесниците од селото Врбјани, општина Кривогаштани.
На годинашниот 23. карневал во Прилеп учествуваа над 600 маскирани од Прилеп и од повеќе градови од земјава. Главното дефиле се одржа во неделата напладне во центарот на Прилеп.
Ка.М.
