Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да поднесе оставка доколку Украина за возврат стане членка на НАТО, а тоа го спомена откако сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп побараа негова оставка.

-Јас во замена за НАТО? Замената е можна. Реков дека сум подготвен да заминам, а за возврат стануваме членка на НАТО – ова го кажувам уште од почетокот на војната со Русија. Ако влеземе во НАТО, тоа значи дека ја исполнив мојата мисија – рече Зеленски, јави Скај њуз.

Тој предупреди дека нема да биде лесно да го заменат.

-Не е доволно само да се одржат избори. Мора да ме спречите да учествувам, а тоа ќе биде малку потешко – рече Зеленски.

Изјавата на Зеленски дојде откако неколку американски републиканци, вклучително и советникот за национална безбедност Мајк Волц, сенаторот Линдзи Грем и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, рекоа дека Зеленски треба да ја напушти функцијата, по неговото однесување во Овалната соба во петокот за време на вербалниот судир со Трамп. Тие вчера го повикаа Зеленски да ја смени стратегијата или да поднесе оставка.


Зеленски вети дипломатски напори заедно со САД

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски утрово изјави дека Киев e благодарен на САД за нивната поддршка и вети поголеми дипломатски напори за усогласување со ставовите на Вашингтон.

– Ќе има дипломатија во име на мирот. И во име на тоа, сите ние да бидеме заедно – Украина, цела Европа и дефинитивно, дефинитивно Америка, изјави Зеленски по вчерашниот Самит во Лондон.

Тој додаде дека Украина „ја сфаќаме важноста на Америка“ и е благодарна за целата поддршка.

– Нема ден кога не чувствуваме благодарност, истакна Зеленски.