Фото: ЕПА

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер по завршувањето на двочасовниот Самит во Лондон за поддршка на Украина, истакна дека секој нов договор за поддршка на Киев мора да се заснова на сила и оти сите земји мора да преземат одговорност и да дадат свој придонес според нивните можности.

– Нашата почетна точка мора да биди ставање на Украина во најсилна можна позиција до сега – наведе британскиот премиер.

Тој истакна дека на Самитот се договорени четири клучни чекори: Да продолжи воената помош за Украина додека трае војната и дополнително да се интензивира економскиот притисок врз Русија; Секој траен мир мора да го гарантира суверенитетот и безбедноста на Украина, а Киев мора да учествува во сите мировни преговори;
Во случај на мировен договор, европските лидери ќе работат на одвраќање на Русија од какви било идни инвазии врз Украина; Да се создаде коалиција, која ќе биде подготвена да ја брани Украина и да гарантира мир.
Стармер повтори дека во овој момент клучно е европското единство и оти само со заеднички напор може да се осигури безбедна иднина за Украина и за целиот континент.

– Денес сме на историска пресвртница. Ова не е време за нови бескрајни дебати, време е да дејствуваме и да се собереме околу нов план за праведен и траен мир – потенцира Стармер.

Но, тој посочи и дека договорот за Украина мора да има поддршка од САД.

– Да бидам јасен, се согласувам со Трамп за итната потреба за траен мир. Сега тоа мораме да го оствариме заедно – наведе Стармер.

Според него и „Русија мора да биде дел од договорот, но нема да може да диктира поставува услови. Инаку нема да имаме никаков напредок“.

Тој предупреди дека секој постигнат договор мора да се брани.

– Во минатото видовме прекини на огнот без никаква осигурување, а Русија редовно ги прекршуваше, мора да избегнеме таква ситуација – изјави Стармер.

Тој најави нов пакет помош, кој ќе и овозможи на Украина користење на 1,6 милијарди фунти од британското финансирање на извозот, за Киев да купи 5.000 дополнителни ракети за противвоздушна одбрана.

Според него овој договор ќе создаде работни места во британската одбранбена индустрија и ќе и обезбеди на Украина клучна заштита.

– Ова ќе биде клучно за одбрана на критичната инфраструктура и зајакнување на Украина – заклучи Стармер.

Стармер најави и повторна средба со цел „да се задржи темпото и да се продолжи работата на заедничкиот план“.

На средбата учествуваа претседателите на Украина, Финска и на Франција, Володимир Зеленски, Александар Стуб и Емануел Макрон, премиерите на Полска, на Шпанија, на Данска, на Холандија, на Шведска, на Норвешка, Чешка, Италија и Канада (Доналд Туск, Педро Санчез, Мете Фредериксен, Дик Шуф, Улф Кристерсон, Јонас Гар Сторе, Петр Фијала, Џорџа Мелони и Џастин Трудо), германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Зеленски по Самитот, што го организираше по вербалниот судир помеѓу американскиот претседател и потпретседател, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс и украинскиот претседател во Белата куќа, пристигна на имотот Сандрингам во Норфолк, каде има средба со британскиот Чарлс Трети.