Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика Европејците да го отфрлат „среќното вазалство“ кон САД, особено во услови на непредвидливост на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како во однос на ситуацијата во Украина, така и во однос на прашањето за царините.
За време на неговата посета на Лисабон, Макрон ја повика Европа да биде „пообединета и посилна од кога било“ и да ја препознае важноста на ризикот, амбицијата и моќта во соочувањето со предизвиците, јави француската телевизија БФМ.
– Европејците мора да бидат обединети и посилни од кога било“, рече Макрон, додавајќи дека тоа бара донесување длабоки стратешки одлуки – особено во технолошките, индустриските и одбранбените прашања.
Тој исто така нагласи дека одговорот на овие предизвици не е „покорност“, туку проактивно делување. За време на неговиот престој во Португалија, прво вакво патување на француски претседател по повеќе од 25 години, Макрон ја истакна важноста на француско-португалските односи, кои, според него, претставуваат основа за посилна Европа.
Потпишување на неколку договори меѓу Франција и Португалија, вклучително и „договор за пријателство и соработка“. Во контекст на меѓународната политика, Макрон ја пофали посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон, опишувајќи ја како „добра работа“ за Украина, која се бори за суверенитет и безбедност.