Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во Лондон имаше средба со спикерот на Долниот дом на Британскиот парламент сер Линдзи Хојл. Гаши, кој ја предводи собраниската делегација на официјалната посета на Британскиот парламент, посочил на одличните билатерални односи меѓу двете земји во политички и економски контекст, и ја истакнал посветеноста да се негува долгогодишното партнерство рефлектирано преку силни и храбри односи.
Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, Гаши се заблагодарил за континуираната поддршка на евроинтеграцијата на земјата и за силното сојузништво во НАТО Алијансата.
Сер Хојл, како што се посочува се осврнал на актуелната геополитичка состојба која несомнено се одразува врз сите држави. Истакнал дека војните и агресиите не се решение за никого и треба сите заедно да работиме на надминување на овие состојби и да градиме стабилни општества со силни парламенти. Во однос на парламентарната моќ, повикал на зголемена јавност и транспарентност, бидејќи демократијата е многу подобра кога е транспарентна.
Во однос на парламентарната соработка, двајцата соговорници ја истакнале важноста на соработката меѓу групите за соработка, преку споделување искуства од парламентарното работење и примена на ефикасни британски искуства од посебни области од интерес за македонското Собрание. Сер Хојл изразил подготвеност за конкретна британска поддршка преку сениорска експертска асистенција на пратениците и службениците на подолгорочна основа.
Гаши ја предводи собраниската делегација на првата официјална посета на една делегација од нашата земја во Британскиот парламент, во чиј состав се и потпретседателот на Собранието Јован Митрески, претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Обединетото Кралство, Никола Мицевски, заменик-координаторката на ПГ на Коалицијата Европски фронт, Арбана Пашоли и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Македонската делегација, како што се посочува во соопштението, ја констатирале важноста на соработката на Собранието со Вестминстер фондацијата за демократија, која има имплементирано голем број проекти со кои се надгради работата и на пратениците и на собраниската служба.
– Беше изразена благодарност до Обединетото Кралство за силната поддршка на политиката на проширувањето на ЕУ, кои ја сметаат европската интеграција за начин за постигнување на трајна стабилност и просперитет за регионот на Западниот Балкан. Се разговараше и за сојузништвото на двете земји во НАТО Алијансата, што претставува бенефит за двете држави – се наведува во соопштението.
Гаши истакнал дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само политичко, туку и безбедносно прашање, на кое треба да му се обрне должно внимание. Го образложил примерот на својата земја која и покрај сите отстапки што ги направи, а го допираа македонскиот идентитет и го променија името на државата, се обезбеди влез во НАТО, но вратите на ЕУ останаа затворени.
Спикерот Сер Хојл го истакнал значењето на парламентарната дипломатија и меката моќ на влијание и искрено се заложил овие значајни прашања да ги подигне на повисоко ниво и да им даде вокалност во средбите со колегите и други високи политички личности.
По завршување на средбата претседателот на Собранието Гаши се потпишал во Книгата за гости, што било проследено со размена на пригодни подароци меѓу двајцата претседатели.
За време на приемот приреден во чест на претседателот на Собранието Африм Гаши и Делегацијата, биле разменети срдечни здравици.
При пристигнувањето на Гаши и делегацијата, во делот „New Palace Yard“ од Палатата Вестминстер бил приреден формален пречек со истакнување на македонското знаме.
По завршувањето на официјалниот дел од програмата, делегацијата присуствувала на седницата посветена на пратеничките прашања од галеријата на Спикерот.