Нов тренд во туризмот
Терминот кулкејшн означува нов вид туризам или туристичко бегство од топлотните бранови во некои делови од светот. Истражувањето спроведено во Германија за организацијата „Визит Свиден“ покажа дека поради жештините во Јужна Европа, двајца од петмина испитаници планираат да ги променат своите навики за патување. Литванија минатата година постигна рекорден раст на туризмот, што за некои е изненадување, а за други не. Посетите на странски туристи на оваа северноевропска земја се зголемени за 6 отсто во однос на претходната година.
– Дури 1,4 милион меѓународни патници ја истражувале Литванија во 2024 година. Еден медиум ја рангираше како втора најдобра туристичка дестинација во светот и број еден во Европа за 2025 година. Дополнително на овој успех, кулинарската сцена на земјата доби меѓународно признание, обезбедувајќи четири ѕвезди „Мишелин“, една „Зелена ѕвезда“, а земјата е наведена и во „Водичот Мишелин“ каде што дури 26 литвански ресторани си го најдоа своето место – пишува Бланка Куфнер во статија објавена на „Хина“.
Се менуваат навиките за патување
Со значајните достигнувања во гастрономијата, меѓународните признанија и иновативните маркетиншки стратегии, се очекува Литванија да привлече уште повеќе посетители оваа година, зацврстувајќи ја својата позиција како врвна туристичка дестинација. Новите преференции на патниците секако придонесуваат за поголем број посети.
Кулкејшн е еден од поновите трендови во туризмот, кој се огледува во изборот на постудени дестинации наместо оние топлите и преполни туристички места вообичаени за одмор и релаксација. Летото 2024 година беше исклучително жешко, принудувајќи ги локалните власти во европските жешки точки да преземат мерки за да обезбедат безбедност и удобност за жителите и туристите. Сепак, туристите веќе бараат алтернативи – локации каде што температурите се пониски.
Во Јужна Европа се предвидуваат сѐ почести топлотни бранови, кои стануваат закана за здравјето на луѓето. За да се приспособат, градовите како Атина веќе спроведуваат урбани планови за итни случаи на екстремна жештина, ги класифицираат топлотните бранови по интензитет, создаваат јавни простори означени како климатски засолништа и ги зголемуваат зелените површини. И покрај очекувањата за пораст на температурите, побарувачката за летови од другите континенти до Јужна Европа останува висока.
Но сѐ повеќе туристи избираат постудени дестинации. Побарувачката, на пример, за посета на Тромсо во Норвешка се зголемила за повеќе од 80 проценти во 2024 година во споредба со 2023 година.
Сè почесто глуѓето се одлучуваат за освежителен одмор во Северна Европа. Земјите како Норвешка и Шведска сега го промовираат концептот на „кулкејшн“ за да привлечат посетители во нивната умерена летна клима.
Рованиеми во Лапонија доживеа пораст на ноќевањата за 29 отсто
Така, Рованиеми, град во финска Лапонија што се граничи со арктичкиот круг, минатата година доживеа пораст на ноќевањата за 29 отсто. Трендот трае со години. Сепак, ова зголемување на туристичката активност доведе и до зголемување на понудата на станови за краткорочно изнајмување.
Според експертите за клима на ОН, речиси е сигурно дека фреквенцијата и интензитетот на екстремната топлина и времетраењето на топлотните бранови се зголемени од 1950 година наваму и дека ваквиот тренд ќе продолжи и во иднина. Околу половина од населението во Европа би можело да биде изложено на многу висок ризик од топлотен удар во текот на летото до 2050 година, а бројот на смртни случаи би можел да се удвои или дури тројно да се зголеми со глобалното затоплување помеѓу +1,5 Целзиусов степен и +3 Целзиусови степени.
Минатото лето беше најтопло досега во САД. Тротоарите во Аризона биле толку жешки што луѓето добивале изгореници од трет степен одејќи боси. Површинските води на океанот во близината на брегот на Флорида достигнаа температура од 38 Целзиусови степени во јули минатата година. Од друга страна, Финска како летна дестинација го промовира својот најсеверен регион Лапонија, која претежно се наоѓа во арктичкиот круг. Лапонија неодамна беше промовирана преку кампањата предводена од маскотата – ирвасот Веску. Откако дебитираше на Инстаграм на почетокот на минатата година, Веску собра голем број следбеници, а неговата популарност продолжува да расте.