ББУУУ

Се сретнаа во вечерната турканица, барајќи излез од гласната група турски туристи што крстосуваше низ Стара чаршија. Му се причини постар од кога се беа виделе последен пат, колку години поминаа оттогаш, три? четири?, ослабен и некако поситен, додека се запреа и се ракуваа, пуштајќи ги победоносните туристи да си заминат.
– Добар си? – глупаво го праша.
– Така така – промрмори човекот кого не го беше видел одамна.
Имаше студена и потна дланка. Од што може да се возбуди?, за да го прескокне одговорот, веднаш го праша: – Сакаш негде да седнеме. Ако си слободен.
– Може. А каде?
– Во „Ригара“. На падобранци и боза.
Како порано, сакаше да додаде, ама човекот го прекина: – Не смеам слатки. Имам шеќер.
Стоеја така сред сокакот, без да се помрднат, групата турски туристи веќе беше замината во колона зад аголот. – А да одиме на кафе? – се насмевна (нервозно).
– Доцна ми е за кафе. Другпат.
Стоеја уште некое време, некако потиснати во себе, сред луѓето и бучавата што минуваа лево-десно.
– Важи. Убаво што се видовме – рече на крај човекот.
– Убаво. И да се гледаме пак. Почесто – уште еднаш се ракуваа и се разделија.
– Студи, студи – дома го пречека жената со џемпер преку пижамите и потечени очи. – Овие од парното не го пуштат навечер. Дење кога луѓето се на работа, греат, а ноќе, кога застудува, не им текнува. Ненормални… Знаеш ли што ми се случи? (а мене?, помисли, ама не стигна да ѝ каже) Студено, тебе те нема, па решив да си легнам, малку да се стоплам, таман се згреав под јорганот, кога слушам некое тивко бучење, онака, како да ти кажам, повеќе вибрација отколку звук, што е ова, си реков, пак ли комшијата седи во автомобилот со вклучен мотор и ја чека комшивката да се симне, се изнервирав, ја кренав малку ролетната, го подотворив прозорецот ама надвор тотална тишина, ни пиле не се слуша. Да не е парното? Проверив, нема звук, студено. Го навлеков џемперот. Кога легнав пак почна ббуууббууу, како далечна машина за перење или правосмукалка, како таму некаде да медитира голема група будистички свештеници. Се исправив, пак престана. Се префрлив во дневната, сосе јорганот, ете престана, си реков, совршено тивко, барем малку да дремнам, легнав, кога ббуууббууу, од ѕидовите во бранови доаѓа накај мене, се сместува на перницата и ми ја поклопува главата. Лудило! Лудило!… А ти, што се задржа?
– Јас… – проговори бавно, гледајќи ја со помешано чувство на застрашеност и трогнатост: – Го сретнав, замисли…
– Чекај малце, слушај, слушаш нешто? (Како сум можел, кога рекоа дека тој од ковидот…)
– Не.
– Пак бучи, слушни.
– Ништо. Можеби радијаторот…
– Ма каков радијатор. Еве дојди, пипни. И?
– Имаш право, не се слуша. И студен е.