Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи ќе останат затворени до петок, а и понатаму се во сила постоечките препораки за граѓаните, поради сеизмичката активност меѓу Санторини и Аморгс, како што соопштија од Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, истакнувајќи дека од 1 февруари биле регистрирани 200 земјотреси со јачина од над три степени, со максимална магнитуда од 4,9 степени, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас денеска одново свика состанок на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности што се одржа во Министерство за климатски кризи и цивилна заштита, каде што детално биле разгледани досегашните податоци.
Членовите на Комисиите едногласно констатирале дека сеизмичката активност во калдерата останува на исто ниско ниво како и во претходните денови, дека сеизмичката серија во морската област меѓу Санторини и Аморгос е особено висока, со 200 земјотреси од 1 февруари со јачина над три степени (и со максимална регистрирана магнитуда од 4,9 степени), но и дека тековната сеизмичка активност се должи на подморски раседи со североисточен и југозападен правец.
– Комисиите ги препорачува следните превентивни мерки: училиштата да останат затворени до петок 7 февруари 2025 година во Тира, Анафи, Иос и Аморгос. Граѓаните ќе треба: да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите; да избегнуваат пристап во напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, особено на места каде што има опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес – соопштија попладнево од Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, што воедно е продолжување на мерките што веќе беа соопштени.
Комисиите ќе одржат нов состанок во среда наутро.
Претходно, како што објави МИА, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упати апел до жителите на Санторини да бидат смирени и да ги следат упатствата на надлежните и објасни дека побарал од надлежното Министерство во следните денови „да подготви сеопфатна научна презентација на геолошките податоци, за сите да знаат каква е појавата со која треба да управуваме“.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, рече дека во следните денови, веројатно в среда, граѓаните на највисоки ниво,ќе бидат детално информирани за сеизмичката активност на Санторини.
Од рано утрово беа регистрирани најмалку 15 земјотреси со јачина од над четири степени, од кои најсилниот беше 4,9 степени.
Од бројот 112 беа испратени две порака: една до оние кои се на Санторини со предупредување за „опасност од лизгање на земјиштето поради сеизмичка активност“, но и дека е забранет пристапот до областите на Амуди, Армени и старото пристаниште на островот, а втората до сите оние кои се на островите Иос, Аморгос, Санторини и Анафи, да бидат во состојба на готовност, поради продолжената сеизмичка активност.
Паралелно, во тек е состанок на надлежните комисии од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција.