Данска играше за четвртото, а Хрватска за второто злато. Во дуелот за бронзениот медал се сретнаа Португалија и Франција
СИНОЌА ЗАВРШИ СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА МАЖИ
Во вчерашниот дуел за светската титула во ракомет за мажи играа Данска и Хрватска и тоа беше првпат во историјата двајца од кодомаќините на едно светско првенство (СП) да играат во големото финале. Никој не играше на домашен терен, затоа што мечот се играше во Норвешка, третиот кодомаќин на шампионатот.
Првиот меч од последниот вчерашен ден на СП 2025 беше за бронзата, а играа Португалија и Франција, односно селекцијата што играше за својот прв подиум на светските првенства и најтрофејната репрезентација во историјата, која играше за 13-от медал.
Данска победи трипати на претходните три светски шампионати, а Хрватска настојуваше да стигне до второто злато. Синоќа, по три недели и над вкупно 100 одиграни натпревари, двете европски селекции се сретнаа за пехарот. Данска настојуваше да ја обезбеди својата четврта ѕвезда на дресот, а Хрватска да стигне до својот втор трофеј, по ново финале одиграно пред 16 години.
Во пресрет на дуелот, Данска немаше пораз на планетарните првенства во ракомет од 2017 година. Десниот бек Матијас Гидсел, пак, беше апсолутно незапирлив и најверојатно беше блиску до последователна титула за најдобар голгетер на едно светско првенство, со 64 гола, 14 повеќе од кој било друг играч пред натпреварите синоќа.
Пет играчи на Данска, Магнус Ландин Јакобсен, Симон Халд Јенсен, Јохан Плогв Хансен, Мадс Менса Ларсен и Хенрик Молгард имаа шанса да ја освојат својата четврта титула во низа, а само шест други играчи имаат четири титули. Од друга страна, Николај Јакобсен исто така имаше можност да стане вториот тренер во историјата што обезбедил четири светски титули, по Романецот Николае Недеф во 1960-тите.
Вчера беше и последниот натпревар за Домагој Дувњак во хрватскиот дрес, оти тој најави дека ќе се повлече од меѓународниот ракомет по завршувањето на Светското првенство годинава.
Во шест натпревари за бронзени медали, Франција победи на четири, губејќи во 2007 и во 2021 година од Данска и од Шпанија. Вчера францускиот селектор Гијом Жил беше претпазлив пред овој дуел на СП 2025, и покрај победата против Португалија, 44-37, во пријателски натпревар во јануари годинава. Од друга страна, Португалија беше големото изненадување на годинашниот планетарен собир, со низа од седум меча без пораз, нивна најголема во историјата на светските првенства, до полуфиналето со Данска (27-40). На овој меч судеа македонските интернационалци Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Г.И.