Фото: Архива

Нема да дозволам учебниците од кое ќе учи моето дете да бидат ревидирани во Софија, доколку такво нешто се случи тогаш софиските учебници ќе дојдат да бидат ревидирани во Македонија и да бидат усогласени, изјави вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Во гостување на Вин Вин на телевизија Телма, тој нагласи дека земјава мора да се заштити од какво било надворешно мешање во внатрешните работи, истакнувајќи дека за него не претставува никаков проблем Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, но со одложено дејство.

– Ние мораме да се заштитиме од било какво надворешно мешање во нашите внатрешни работи со тие протоколи кои што се потпишани и се на сила, јас нема да дозволам учебниците да бидат ревидирани во Софија, доколку такво нешто се случи тогаш софиските учебници ќе дојдат да бидат ревидирани во Македонија и да бидат усогласени. Се согласувам дека македонската историја има битни личности во својата историја кои што живееле, функционирале и работеле на тие простори, вклучувајќи го и Гоце Делчев којшто учел таму, рече Димитриевски.

Според него, внесувањето на Бугарите во Уставот претставува еден вид опасност од внатре, бидејќи како што истакна, доколку ве условуваат од внатре и ве негираат, тогаш се соочувате со посериозен проблем и со поткопување на темелните вредности на државата.

– Вие морате да си обезбедите сами на себеси одредени гаранции како држава дека нема да бидете поткопани од внатре. Апсолутно дека препознавам опасност од внатре. Вие сега можете од надвор да ме ословувате со било кое име и на било кој начин, тоа е ваша работа, тоа кажува за вас, не кажува за мене. Но, ако ве ословуваат вашите деца од внатре и ве негираат, и како родител и како факт, тогаш се соочувате со уште посериозен проблем и со поткопување на темелните вредности на оваа држава, рече Димитриевски.

Недозволиво е, додаде, во 21 век да се разговара за прашања кои ја оспоруваат македонската нација и култура, како и нејзиниот континуитет. Според Димитриевски, притисокот доаѓа врз база на кршење на основната идеологија на Шуман и Моне за создавање на Европската економска заедница.

– Да зависевме од желбата на деловите од народи кои што живеат околу нас, а се родиле на овие простори, Македонија никогаш немаше да стане независна држава, ќе беше дел од некоја си друга држава од нашето опкружување, рече димитриески. Срамота е што во 21 век разговараме за ова, а притисокот за тоа доаѓа врз база на кршење на основната идеологија на Шуман и Моне за создавање на Европската економска заедница, додаде Димитриевски.