Директен пласман во осминафиналето обезбедија тимови од петте најсилни домашни првенства во Европа, а вкупно натпреварите ги продолжуваат клубови од девет земји, меѓу нив дебитантот Брест, потоа Лил, кој сезоната ја почна од квалификациите…

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реформираната фудбалска Лига на шампионите (ЛШ), во која првпат 36 тима играа во една лигашка фаза, донесе возбуда, голови, неизвесност до последната минута, 18 меча во средата се играа истовремено, имаше многу промени на резултатите и со тоа во пласманите на тимовите на табелата, откако вкупно 25 од 36-те екипи беа во игра за соодветен пласман во некоја од следните фази, а за нешто се решаваше во 16 од 18-те средби.
По денешната ждрепка (12 часот) следува нова дебитантска фаза на ЛШ, во која осум тима се пласираа во осминафиналето, а други 16 екипи ќе играат за уште осум места меѓу 16-те најдобри сезонава. Во нокаут-фазата може меѓу себе да играат тимови од иста земја и екипи што веќе се сретнаа во лигашкиот дел. Од она што се знае, на пример, првопласираните две екипи, Ливерпул и Барселона, повторно може да играат сезонава само во финалето, нивни можни ривали во осминафиналето се Монако, Брест, Пари сен Жермен и Бенфика, потоа, на пример, Манчестер сити и Селтик во плејофот ќе играат со Реал Мадрид или со Баерн, победниците од тие дуели во осминафиналето со Атлетико М. или со Баер…
Во осминафиналето се Ливерпул (освои најмногу бодови, 21), Барселона (најефикасна, 28 гола), Интер, Арсенал (примија најмалку голови, еден, односно три), Атлетико Мадрид, Баер, Лил и Астон вила. Вкупно беа одиграни рекордни 144 меча во првиот дел и досега сезоната е поефикасна од претходните, со 3,26 гола по меч по лигашкиот дел (откако се игра ЛШ, од сезоната 1992/93, најефикасна целосна сезона е 2019/2020, со 3,24 погодока по средба). Плејофот е од 11 до 19 февруари, а осминафиналето од 4 до 12 март.

Лил сезоната ја почна во квалификациите

Во следната фаза на ЛШ ќе играат, меѓу другите, и дебитантот Брест, тим што имаше најмал коефициент пред почетокот на сезоната, и директниот осминафиналист Лил, кој сезоната ја почна од третото квалификациско коло и досега одигра вкупно 12 меча. Директен пласман во осминафиналето обезбедија тимови од петте најсилни домашни првенства во Европа (три тима од Англија, два од Шпанија и по еден од Италија, Германија и од Франција). Вкупно натпреварите ги продолжуваат клубови од девет земји (од Англија, Франција и од Италија по четири, од Германија и од Шпанија по три, од Холандија и од Португалија по два, а од Белгија и од Шкотска по еден).

Од сите барабани има осминафиналисти

Тимови од сите четири барабани се пласираа во осминафиналето или во плејофот. Од првиот барабан, од деветте клуба, три се меѓу 16-те најдобри (Ливерпул, Барселона и Интер), четири во плејофот како носители (Реал Мадрид, Баерн, Пари сен Жермен и Борусија Дортмунд) и еден во плејофот како неносител (Манчестер сити). Од четвртиот барабан, пак, меѓу првите осум тима се пласира Астон вила, а во плејофот ќе настапат Монако и Брест. Директно во осминафиналето се Ливерпул, Барселона и Интер од првиот барабан, Баер, Атлетико Мадрид и Арсенал од вториот, Лил од третиот и Астон вила од четвртиот барабан. Носители за денешната ждрепка за плејофот се Реал Мадрид, Баерн, Пари сен Жермен и Борусија Д. од првиот барабан, Аталанта, Бенфика и Милан од вториот и ПСВ Ајндховен од третиот, а неносители се Манчестер сити од првиот, Јувентус и Клуб Бриж од вториот, Феенорд, Спортинг и Селтик од третиот и Монако и Брест од четвртиот барабан. Н.М.