Данска го совлада Бразил и ќе игра за настап во четврто финале во низа, на дуелот вечерва со Португалија, која со победата на натпреварот со Германија го оствари својот најголем успех досега. Синоќа за влез во финалето играа Хрватска и Франција
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА МАЖИ, ПОЛУФИНАЛЕ
По Хрватска и Франција, пласман во полуфиналето на Светското првенство (СП) што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка обезбедија најпријатното изненадување Португалија и актуелниот светски првак Данска.
Португалија во своето шесто учество на СП го постигна најдобриот пласман (19. место на СП 1997, 16-то на СП 2001, 12-то на СП 2003, 10-то на СП 2021, 13-то на 2023). Во Баерум (Норвешка) Португалија ја победи Германија, која досега освои по две златни и сребрени и еден бронзен медал од мундијалите, со гол постигнат на три секунди пред крајот на продолжението, за 31-30 (26-26 во регуларниот дел). Двете селекции водеа тежок натпревар во последното четврт-финале на СП, при што избраниците на Пауло Переира на крајот го добија епитетот ракометни херои, по што олимпискиот вицешампион од Париз лани го освои шестото место на СП 2025. Играчот на натпреварот, германскиот голман Андреас Волф, правеше чуда пред својата мрежа со повеќе извонредни одбрани, и во ситуации еден на еден против Франциско и Мартим Кошта, најдобрите стрелци на Португалија. Волф, кој имаше вкупно 21 одбрана, односно успешност од 42 отсто, не можеше да го спречи блесокот на Франциско и Мартим Кошта. Првиот погоди трипати во дополнителните 10 минути од мечот, вклучувајќи го и решавачкиот гол, а Франциско додаде уште еден во завршното славење.
![](https://novamakedonija.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/sp-2-epa-12751703-696x464.jpg)
Во другото полуфинале на денот, доминантната Данска, која е трикратен светки првак во низа, забележа двоцифрена победа на дуелот со Бразил и го обезбеди осмото полуфинале во претходните 10 изданија. Данска одигра беспрекорно второ полувреме, елиминирајќи го Бразил со победата со 33-21. Бразил е на седмата позиција, што е најдобар резултат за таа селекција на СП (претходно деветто место на СП 2019).
Она што импонира кај Данците, покрај брзината, мотивацијата, ефикасноста, е и продолжувањето на серијата без пораз на мундијалите, сега на 35 натпревари. Очигледно данската ракометна „машина“ неуморно ита кон своето четврто финале по ред на СП. Мотивирани, полни со елан, тие секако ќе настојуваат да испишат уште една успешна страница во нивната ракометна историјата и со тоа да станат првата селекција што четири пати во низа го освоила славеничкиот пехар. Но, за да го остварат тоа, прво треба денеска да се соочат со Португалија, која, исто така, е полна со амбиции да испише своја ракометна историја. Данска е фаворит, предводена со најсилниот напад на ова СП, кој оствари дури шест двоцифрени победи во седумте меча досега.
Синоќа, во првото полуфинале во Загреб, Хрватска се сретна со Франција, која има 25 настапи на светските првенства и вкупно 12 освоени медали. Двете репрезентации во Загреб играа и пред 16 години, тогаш во финалето на СП. Францускиот селектор Гијом Жил во тој меч беше играч во францускиот состав, кој го освои златото.
Како што пренесе Светската ракометна федерација (ИХФ), Лудовик Фабрегас (396 гола) и Дика Мем (495) може на ова СП да достигнат голгетерски пресвртници во нивните репрезентативни кариери. Г.И.
Пред полуфиналињата Гидсел е прв, а Кузмановски втор стрелец на СП 2025
Пред полуфиналните дуели на Светското првенство во ракомет на листата на стрелците прв беше данскиот десен бек Матијас Гидсел со 55 гола од 83 шута (66 отсто), втор е македонскиот лев бек Филип Кузмановски со 49 погодока од 71 обид (69 отсто), а трет кувајтскиот лев бек Саиф ал Давани со 47 погодоци од 81 удар (58 отсто).
На четирите четвртфинални дуели вкупно биле присутни 34.847 гледачи. Поединечно гледано, во Загреб (Хрватска) има далеку повеќе отколку во Баерум (Норвешка). Така, двата четвртфинални дуела во Загреб ги следеле вкупно 21.450 или просечно по меч 10.725 лица. Првиот кога играше Хрватска го следеле 15.600, а вториот 5.850. Во Баерум на првиот дуел биле присутни 5.922, а на вториот кога играше Португалија 7.475.
Како споредба во однос на претходното СП, во 2023 година, во Стокхолм и во Гдањск, заедно четвртфиналните средби ги следеле вкупно 38.304 гледачи, односно за 3.457 повеќе отколку сега. Во Стокхолм имало 27.553, а во Гдањск 10.751 гледач. Г.И.
СП 2025
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Хрватска – Унгарија 31-30
Франција – Египет 34-33
Данска – Бразил 33-21
Португалија – Германија 31-30
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Хрватска синоќа
Данска – Португалија 20.30 ч.
натпреварите за медали се в недела