Во светот, а особено во Европа (ах, Европа, изворот на најопасните изми и пизми) се одвива забрзан процес на ревизионизам, да се ретушира историјата и да не се гледа на фактите, и затоа не чуди тоа што подмладениот нацифашизам слободно шета низ Европа, за жал и кај нас. Тоа што сега го кажува и планира да го спроведе градоначалникот Касами совршено се вклопува во таа матрица – Македонија е ставена во фаза на ретуширање на историјата (таа извира и од Преспанскиот договор, тој со Бугарија и Тиранската платформа) – факт е имаме тројански коњ во Тетово
За почеток не е лошо да се потсетиме на една македонска народна поговорка, зашто кога народот тоа го рекол значи нештото вреди, тоа е заковано на ѕидот на меморијата и треба да се следи поуката. Во спротивно, изненадувањата може да бидат непријатни. Поговорката вели дека „видела камилата уши, побарала и рогови“. Арно ама „барајќи рогови, ги изгубила и ушите“. А и една важна германска поговорка. На Германците им тежат и зборот и мислата: „власта е како крчма – од неа ретко кој излегува трезен“. Ние ќе речеме – опиен од слава, од моќ од пари и таков не може да ја види реалноста. Заслепен од власта.
Не сум далеку од темата, но одам лека-полека, ѝ давам боја, филмска атмосфера. Затоа што тоа што ни се случува овде, пред нос, се случува и на други места. Особено во Европа се одвива процес на ревизија на историјата, на нејзино бездушно ретуширање. Затоа не треба никој да се чуди што тие што го ослободија Аушвиц во 1945 година, а тоа беше Црвената армија, не беа присутни на местото каде што се случиле најголемите злосторства не само во Втората светска војна туку во историјата на човештвото. Илјадници и илјадници Евреи се погубени во нацистичките логори во Аушвиц, а и во други логори, меѓу нив и речиси сите Евреи од Македонија. Погубени се и илјадници и илјадници Роми, но и милиони и милиони христијани. Зошто Русија не беше поканета во Аушвиц? Едноставно, затоа што без неа е полесно да се ретушира историјата. Тој процес почна со уривање споменици на руски херои во некогашните сателити на Советската Империја, но ревизионизмот отиде подалеку. Некои палеа и книги на класичната руска литература. „Фаренхајт“. Гледаме, за фашизмот се зборува во целофан. А тој шета низ Европа, нов, дотеран во нова облека со старите мисли и идеи. Јас се согласувам дека некој Европеец не мора да ги сака Русите, но има историски факти што немаат ама никаква врска со емоционална поврзаност кон некого или нешто. И се согласувам дека Европа, како непресушен извор на опасни изми, впрочем од овој наш црн континент израснаа и идеите како што се инквизицијата или холокаустот, не мора да биде обременета со минатото на нашите предци, но секако дека ќе се согласиме дека и уште повеќе не смее да има колективна меморија на украсна рипка во стаклен сад.
Нели рекоа/рековме дека „простивме, но не заборавивме“. Празни зборови? И ова милје на ретуширање не е само во Европа, се шири тоа како светска зараза, но прашањето е зошто некој курсот на историјата го враќа токму кон извориштата на големите несреќи, на програмите за екстерминација, истребување, протерување од домовите, наместо кон хуманизам, соживот, почитување на различностите. А не толку одамна имаше лидери во Европа, имаше лидерство во Германија, кои побараа прошка во име на нивните предци што ги носеа шлемовите, униформите, списоците… на нацистите или фашистите. Денес, не, не и не.
Затоа, ајде да се прашаме дали подмладениот, дотеран, со триста лифтинзи, оти мора да биде впечатлив, маркантен, нацизам шета низ Германија? Ајде да се потсетиме дека Адолф Хитлер на првите избори едвај освојува околу три проценти од гласовите, а потоа метеорски станува канцелар и фирер. Поддржан од сите капиталисти и од половина Европа, затоа што во Германија има работа за сите. Пред да се случи Нормандија во Арнхем се преговара меѓу нацистите и сојузниците заедно со капиталистите и со банкарите каде ќе одат парите, на кои швајцарски сметки. Сакаме да се врати тој свет? Подмладените шетаат ли и по Италија, Франција… па, да, и низ Македонија? Шетаат, оти и тоа било демократија?!
Но и Македонија, која можеби мисли дека ја нема на радарите, ја има. За жал, овде не се зборува за тоа како што треба да се зборува, а мора и треба за големи теми да се расправа во Собранието. Има повеќе извештаи на светски организации и институции каде што Македонија е посочена за една од земјите во кои има и видлив и скриен антисемитизам. На радарите се фатени сите споменици и паметници подигнати во чест и слава на соработниците на фашистите – балистите, што е повеќе од јасно дека кај дел од албанската популација воопшто не е проблем тие да ги слават соработниците на фашистите. А бидејќи рековме дека постои широк процес на ревизија, сега веќе без никакво скривање, туку јавно се зборува за таа ревизија на историјата на македонскиот народ. Тоа значи и за постоењето на македонската држава. Тоа што сега го кажува градоначалникот на Тетово, Билал Касами, е продолжение на една историска матрица што беше прекината по Втората светска војна, од причини што Македонија и нејзината ослободителна армија беа победници во војната и беа на страната на сојузниците. Во тие борбени редови имало и Албанци, првоборци. Касами, понесен од матицата на процесите што се во тек, не сака ни да ги чита ни Уставот ни законите, ни да се запознае детално со своите надлежности туку ќе прави ревизија, ќе ја ретушира историјата менувајќи имиња на улици. Веројатно ќе се менуваат и топоними, затоа што не добивме аргументи за автохтоноста на Албанците на нашиве простори, оти пробните балони и за тој процес се пуштени.
Неговото читање на Охридскиот договор е погрешно толкување, а на Бадентеровиот принцип катастрофа, и за тоа во школските клупи се добива негативна оценка. Работејќи токму на проблематиката на примената на Охридскиот договор на локално ниво, а тоа значи на принципот на гласање според двојно мнозинство, вршевме мониторинг на општината Гостивар. Заклучоците уште тогаш, пред повеќе од 15 години, беа дека тој принцип честопати се избегнува, а немаше ниту спроведување на законската употреба на јазиците. Македонскиот јазик стана втор јазик, а турскиот и ромскиот беа маргинализирани.
Сега во Тетово состојбата со толкувањето е на ниво на катастрофално незнаење, но можеби и намерно прескокнување на законите за да се создаде атмосфера дека ревизијата е неопходна. За кого?
Ова прашање е всушност тројанскиот коњ што сега се возвиши и над Шара. Ако си ја доловиме таа слика, јасно ни е дека од таа висина можат убаво да се гледаат и Косово и Албанија. Па, нека е и така. Но, што со Македонците и другите во Тетово што ги нема на списокот на Касами? Тие да ти биле едвај 18 проценти и немале прво на глас во Собранието. Со што и како ги изброја? И ваквите изјави се наменети да создаваат несигурност, да провоцираат, да застрашат и наликуваат на вадење списоци. Еј, слушајте, вие сте едвај 18 проценти! Добро слушнавме, ако треба пак ќе се пребројуваме, но нека биде тоа за арно на нашата заедничка држава Македонија. А Тетово географски е во Македонија. И за овој тројански коњ што сега го шета Касами низ Тетово треба да се активираат сите механизми за заштита на законите и на уставноста. Оти народните поговорки кажуваат многу. Народот е сепак помудар од тие што се власт. Тие се променливи и минливи. Народот секако дека се прашува – зарем направиме буџет од над 6 милијарди евра да ни се изгради тројански коњ?! Никој не би сакал да верува во тоа, нели?