Кинескиот стартап „Дипсик“ предизвика значителен пресврт на глобалниот технолошки пазар со лансирањето на својот напреден асистент за вештачка интелигенција, кој неодамна стана најсимнуваната бесплатна апликација на Епстор на „Епл“ во САД, надминувајќи ја ЧетГПТ на „Опен АИ“.
Кој стои зад кинеската вештачка интелигенција?
„Дипсик“ е основана во 2023 година како истражувачка група на кинескиот квантитативен хеџ-фонд „Хај-Флаер“, основан од претприемачот Лианг Венфенг. Компанијата се наоѓа во Хангжу, во источната кинеска провинција Жеџијанг. Лианг Венфенг, роден во 1985 година, дипломирал на универзитетот „Жеџијанг“ со диплома по електротехника во 2006 година, а во 2010 година магистрирал информатичко-комуникациско инженерство, фокусирајќи се на машинскиот вид.
По дипломирањето, тој експериментирал со примена на вештачка интелигенција во различни области, вклучувајќи ги и финансиите. Во 2015 година тој го кооснова „Хај-Флаер“, квантитативен хеџ-фонд, кој користи алгоритми за вештачка интелигенција за тргување. До 2019 година „Хај-Флаер“ управуваше со средства во вредност од над 10 милијарди јени (околу 1,5 милијарда американски долари). Сепак, Лианг имаше поголеми амбиции – сакаше да создаде нешто што ќе го промени светот.
Лианг Венфенг и „Дипсик“ ја застапуваат филозофијата на „ВИ за сите“, нагласувајќи дека технологијата треба да биде достапна за сите, а не само за големите корпорации.
Најновиот модел на „Дипсик“, Р-1, претставен во јануари годинава, е со отворен код и покажува перформанси споредливи со водечките западни модели, и покрај ограничените ресурси. Моделот користи напредни техники како расудување „синџир на мисли“ и ја демонстрира способноста да се самоподобрува без човечко надзор. Овој модел стана симбол на технолошките иновации на Кина и предизвика поширока дебата за глобалната доминација во секторот за вештачка интелигенција.
„Дипсик“ беше во можност да развие напреден јазичен модел користејќи многу помалку ресурси од своите конкуренти, користејќи чипови од пониска класа, како што е енвидија Х800, за само два месеца. Компанијата соопшти дека потрошила само 5,6 милиони долари за развој на својот нов модел, во споредба со стотиците милиони, па дури и милијарди долари што американските компании ги трошат на своите технологии за вештачка интелигенција. За екстремно ниската цена на оваа технологија најпрво пишуваше „Волстрит журнал“.
Пад на берзата
Успехот на помошникот за вештачка интелигенција на „Дипсик“ предизвика значителен пресврт на глобалниот пазар. Акциите на американските технолошки гиганти, вклучувајќи ги „Енвидија“, „Мајкрософт“ и „Мета“, паднаа по веста за напредокот на „Дипсик“.
„Енвидија“, клучен играч во дизајнот на чипови со вештачка интелигенција, забележа пад на нејзините акции за речиси 12 проценти поради загриженоста дека „Дипсик“ може да ја загрози побарувачката за скапите чипови на „Енвидија“ и да ги оспори високите цени на технолошките акции, кои досега главно се зголемија на очекувањата од технологиите за вештачка интелигенција.
Слични падови се забележани и во други технолошки компании, вклучувајќи ги „Мета“ и „Алфабет“ (матичната компанија на Гугл), што укажува на загриженоста на инвеститорите за одржливоста на американската доминација во секторот на вештачката интелигенција. Аналитичарот Кит Лернер рече дека секое нарушување во овој сектор силно влијае на целокупниот пазар.
– Клучот е во тоа што американската надмоќ е поттикната од технологијата и лидерството на американските компании во секторот за вештачка интелигенција. Лансирањето на моделот на „Дипсик“ ги тера инвеститорите да се сомневаат во тоа лидерство и во тоа колку се трошат и дали таа инвестиција ќе донесе профит (или прекумерно трошење) – рече Лернер.
Голем број технолошки компании почнуваат да известуваат за заработка неделава, па нивните реакции на успехот на „Дипсик“ би можеле да доведат до турбулентни движења на пазарот во наредните денови и недели. Во меѓувреме инвеститорите сѐ повеќе се фокусираат на кинеските компании за вештачка интелигенција.