Рафиња, Јамал и Левандовски / Фото: ЕПА

Го сакам гладот што го има мојот тим и како тој го покажува тоа, вели тренерот Флик. Барселона има двајца од првите тројца најдобри стрелци во најсилните пет европски лиги, а тимот е убедливо најефикасен и во Шпанија и во ЛШ

ФУДБАЛ

Ниту кога Барселона го имаше фудбалското трио „МСН“ во нападот, во состав Лионел Меси, Луис Суарез и Нејмар, клубот немаше толку импресивни голгетерски бројки, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Роберт Левандовски, Рафиња и Ламине Јамал е голгетерското трио, а тимот на тренерот Ханси Флик поставува нови граници со кои останува во конкуренција во сите натпреварувања сезонава.
Флик стана вториот тренер на Барселона што најбрзо стигнал до 100 гола. Клубот има 101 гол на 32 натпревари во сите натпреварувања под водство на германскиот тренер. Хеленио Херера е рекордер со 100 погодока на 31 натпревар во доцните 1950-ти години.
– Го сакам гладот што го има мојот тим и како тој го покажува тоа. Мечот не запре на 2-0 или на 3-0, се боревме до крајот, тоа ми се допаѓа кај моите играчи. Она што сакаме е да имаме перформанси и да освојуваме трофеи, тоа е она што е важно – изјави Флик.
На мечот со Валенсија (7-1) четврти пат во претходните пет натпревари Барселона постигна најмалку пет гола. Тоа се случи во победата со пресврт со 5-4 на натпреварот со Бенфика во Лигата на шампионите (ЛШ), откако го совлада Бетис со 5-1 во Купот на Шпанија и Реал Мадрид со 5-2 во финалето на шпанскиот Суперкуп.
Барселона има двајца од првите тројца најдобри стрелци во најдобрите пет европски лиги, а Левандовски е водечки со 29, пет повеќе од Ерлинг Холанд од Манчестер сити и шест повеќе од соиграчот Рафиња.
– Одлична ситуација и одлична вест е да се видат толку многу квалитетни играчи, тоа е она што ни треба и тоа е она што нѐ прави добри. Имаме одличен тим и можете да го видите тоа. Атмосферата е навистина добра и работиме одлична работа – рече Флик.
Во Ла лига, Барселона има 59 гола на 21 натпревар, девет гола повеќе од вториот тим со најмногу голови, Реал Мадрид. Во Лигата на шампионите, Барселона постигна 26 гола на седум натпревари, седум повеќе од вториот тим на таа листа, Борусија Дортмунд. Н.М.