Володимир Зеленски во Давос испрати три повици / Фото: ЕПА

Прв повик: Милион војници да ја бранат Украина!

На Украина ќе ѝ треба армија од околу еден милион војници за да се одбрани од Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на состанокот со претставници на Меѓународниот совет за медиуми на Светскиот економски форум во Давос.
Зеленски изјави дека на Украина ѝ се потребни околу милион војници за да ѝ се спротивстави на армијата од околу милион и пол руски војници.
Украинскиот претседател рече дека толку голема армија ќе биде неопходна додека Украина не се приклучи на безбедносен сојуз, истакнувајќи дека за одржување таков контингент ќе бидат потребни големи средства, кои не се достапни во украинскиот буџет.
Зеленски изјави дека затоа НАТО е најдобрата гаранција за безбедноста за Украина, САД и Европа.
– А кој ќе ја нахрани таа милионска армија? Ако Европа вели дека Украина се брани не само себеси туку и европските вредности, тогаш логично е сите да ја поддржат оваа армија – рече Зеленски, додавајќи дека украинската армија може да се финансира од профитот од замрзнатите руски средства.
Зеленски тврди дека сега има 608.000 руски војници на украинска територија, трипати повеќе отколку на почетокот на инвазијата во 2022 година. Р.С.


Политиката на некои земји кон Украина не беше целосно транспарентна – нѐ излажаа, рече Володимир Зеленски во Давос

Втор повик: Трамп, помош!

Володимир Зеленски обвини некои западни земји дека ја лажат Украина во врска со прашањето за нејзиното членство во НАТО и додаде дека САД не се грижат за Европа.
– Искрено, мислам дека политиката на некои земји не беше целосно транспарентна и тие не го поддржаа нашето членство во НАТО. Зборовите дека Украина ќе биде во НАТО беа лажни, бидејќи поминаа децении, а Украина не е во Алијансата. Тоа не беше искрено со Украина и со Украинците – изјави Зеленски за медиумите на Светскиот економски форум во Давос.
Зеленски, сепак, брзо се обиде да се оправда и истакна дека и претходните лидери на земјата биле нечесни кон Украинците, со тврдења дека на Киев му било ветено членство.
Потоа продолжи да ги критикува Вашингтон и Берлин, кои, според него, загубија во дијалогот со Москва за членството на Киев во НАТО.
– Секогаш апелираат на тоа дека во одреден момент имало некакви договори со Русите. Имам прашање како Украинец зошто наеднаш склучуваше договори за нас без нас. Ние сме независна земја. Ми се чини дека ова е нефер однесување – додаде тој.
Зеленски ги наведе земјите што не го поддржуваат членството на Украина во НАТО, а тоа се САД, Германија, Унгарија и Словачка. Сепак, според него, членството не зависи од последните три споменати.
– Прашањето за НАТО зависи од САД и од позицијата на претседателот. Ако Трамп е подготвен да ја види Украина во НАТО, сите ќе бидат за, а ако претседателот Трамп не е подготвен да нѐ види во Алијансата, тогаш ние нема да станеме членка – заклучи тој.
Украинскиот лидер додаде дека САД не им даваат приоритет на европските проблеми и ја истакна потребата самата Европа да преземе поактивна улога во сопствената безбедност, особено во контекст на промената на надворешната политика на САД.
Зеленски изрази загриженост за ставот на Вашингтон за односите со Европа, тврдејќи дека Европејците ги сметаат САД за незаменлив сојузник. Тој исто така предупреди дека Европа може да ја изгуби својата важност на глобалната сцена.
– Но дали некој во САД се грижи дека Европа еден ден може да ги напушти или да престане да биде нивен сојузник? Одговорот е не. Вашингтон не верува дека Европа може да им донесе нешто навистина значајно – додаде тој.
Според него, Европа не може да си дозволи да биде втора или трета на листата на приоритети на нејзините сојузници. Ако се случи тоа, светот ќе оди напред без Европа.
– И тоа ќе биде свет во кој нема да биде удобно да се живее – оцени тој. Р.С.


Трет повик: За мир се потребни најмалку 200.000 западни мировници на украинска територија

Володимир Зеленски ги повика европските земји да распоредат најмалку 200.000 војници во Украина за да се спроведе потенцијалниот договор за прекин на огнот со Русија. Помал број, рече тој, би значел „ништо“.
Зборувајќи за медиумите во Давос, Зеленски повторно ги повика западните лидери да го удвојат снабдувањето со оружје и пари за Киев, предупредувајќи дека доколку не го сторат тоа, може да се соочат со руски напад врз НАТО во скора иднина.
– Рускиот претседател Владимир Путин ќе постави воена сила од околу два милиона луѓе против Западот. Ако немаме силни безбедносни гаранции, без разлика дали станува збор за членство во НАТО или воен контингент и оружје со долг дострел распоредено на украинска територија, Путин сигурно ќе се врати со десет пати поголема армија од онаа што ја имаше на почетокот на 2022 година – рече Зеленски, не нудејќи докази за своето тврдење.
Зеленски и другите високи функционери во Киев тврдат дека западните сили се обврзани да им дадат помош, бидејќи „украинските војници умираат наместо западните трупи“. Р.С.