Фото: Влада

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изрази загриженост поради интервенциите на милијардерот и сопственик на Икс, Тесла и Спејс Икс, Илон Маск, во изборната кампања во Германија, пренесува ДПА.

– Она што навистина треба да не загрижи е тоа што човек како Илон Маск, кој има голема медиумска моќ, ги поддржува екстремно десничарските партии во Европа, на пример во Обединетото Кралство, во Германија и во многу други земји – рече Шолц за време на една изборен митинг во Швалбах ам Таунус, во близина на Франкфурт.

Шолц посочи дека Маск не е првиот богат конзервативец кој се обидел да го искористи своето влијание за време на изборна кампања.

– Фактот дека конзервативните сопственици на медиуми водат жестоки кампањи против социјалдемократските политичари не е ништо ново. Тоа секогаш им било дозволено. Ново е што тоа се случува од странство, но е покриено и со слободата на изразување – кажа Шолц.

Во пресрет на германските предвремени избори на 23 февруари, Маск ја повеќепати пофали екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) како „единствена партија која може да ја спаси Германија“, а неодамна одржа разговор во живо на неговата платформа Икс со лидерката на АфД, Алис Вајдел.

Тој исто така беше многу критичен кон Шолц и кон германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Конзервативната алијанса ЦДУ/ЦСУ, која во моментов е во опозиција, води во германските предизборни анкети со околу 30%, а по неа е АфД со околу 20%. централно-левичарската СПД на Шолц заостанува со 16%, а потоа се Зелените, неговиот коалициски партнер, со 13%.