Уште во периодот што измина, во таканаречениот преоден период на трансфер на власта во САД, се почувствуваа иницијативи за длабоки и тектонски поместувања и промени и во САД, но и иницијативи за длабоки промени и на глобален план. Најавените промени светските аналитичари ги идентификуваат дека се од „идеолошки карактер“, а бидејќи новоизбраниот американски претседател е „фронтменот на тој тренд на промени“, некои од аналитичарите ја именуваа оваа идеологија како трампизам. Но што точно се очекува од претстојното враќање на Доналд Трамп на претседателската функција на САД? Кои се препознатливите белези на трампизмот како идеологија? Какво влијание и потенцијал има таа идеологија за промена на досегашниот статус на глобален план, се разбира, вклучувајќи ја и Македонија?
Претстојното враќање на Доналд Трамп на претседателската функција во САД како повод за анализа на македонско-американските односи
На 20 јануари во Белата куќа на САД ќе влезе „срцето на слободниот свет, кое чука“ – Доналд Трамп, како што вели Џон Ајкенбери, водечкиот теоретичар на меѓународните односи од универзитетот „Принстон“. Сѐ уште и без да донесе една единствена извршна наредба, новиот американски републикански претседател веќе започнува да го спроведува својот план „Да ја направиме Америка повторно голема“ и да го менува глобалниот светски поредок. По изборот како „личност на годината“, тој ќе каже во интервјуто за „Тајм“: „Со кампањата погодивме во нервот на државата. Демократите не го разбраа чувството на државата“. Ваквата државничка филозофија на моќниот републикански и американски лидер би можело да биде ветер во едра и за македонското државно-политичко раководство секогаш „да го погодува нервот на македонската држава“, да го „разбира чувството на македонската држава“.
Петте можни сценарија за светот во вториот мандат на Трамп
Низа водечки светски медиуми веќе објавуваат анализи околу можните сценарија за претстојните случувања во светот во вториот претседателски мандат на Трамп, означувајќи ги дури и како „сценарија на новиот голем импакт на светот“. Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ во обемна анализа, објавена кон крајот на декември 2024 година, изнесе дека се можни „пет сценарија за новата голема поделба на светот во вториот мандат на Трамп“. Секое од овие можни сценарија укажува на претстојни значајни промени во глобалниот поредок. Првото сценарио предвидува „враќање на концептот на големите сили и на договорени зони на влијание“, а второто и третото сценарио „ги истакнуваат можните опасности од хаосот и распадот на западното сојузништво“. Четвртото сценарио ја отвора „можноста за создавање на мултиполарниот свет“, додека петтото сценарио ја нагласува „американската доминација под водството на Трамп“. Кое било од овие сценарија, ако се случи, би ја редефинирало иднината на меѓународните односи. Трамповата одлука за приоритетите ќе ја определи не само судбината на САД туку и на целиот свет, што значи и судбината на Македонија.
Водечкиот теоретичар на меѓународните односи, професорот Џон Ајкенбери од универзитетот „Принстон“ се согласува дека „претстои голема промена во геополитичката слика на светот“, откако Трамп ќе ја преземе претседателската функција. Во анализата со наслов „Како ќе се приспособи светот на претседателствувањето на Доналд Трамп?“, објавена на 25.12.2024 година на порталот на британскиот дневен весник „Гардијан“, се цитира ставот на Џон Ајкенбери дека Трамп е „срцето на слободниот свет, кое чука“. „Пристигнува во Белата куќа Доналд Трамп, срцето на слободниот свет, кое чука. Тој не е аберација (отстапување од нормалното – заб. прев.), туку е карактеристика на американската политика и на приказната за Америка. Дали новиот светски поредок ќе го одредуваат помалку САД, а повеќе нивните партнери? Дали тие партнери ќе бараат алтернативна рамка за свое глобално и регионално дејствување или ќе ја спроведуваат трансакциската политика на Трамп? Од Анкара до Брисел, од Техеран до Москва, сиот свет е катализиран и се наоѓа во движење, додека земјите бараат свои одговори на тоа прашање. Без и да донесе една единствена извршна одлука Трамп, државите од светот веќе се позиционираат и се приспособуваат на долгата сенка што тој ја фрла“.
Исцртани контурите на трампизмот како идеологија
Трампизмот добива карактеристики на посебна независна идеологија, на многу начини директно спротивставена на либерализмот што доминираше во САД. Следбениците на Доналд Трамп себеси се нарекуваат дека се „постлиберали“. Тоа значи целосен прекин со либерализмот или, уште попрецизно, целосно расчистување со неолиберализмот.
Трампизмот како идеологија го негира глобализмот (како единствен пазар и културен простор, каде што границите меѓу националните држави сѐ повеќе се бришат, а самите овие држави постепено се укинуваат, пренесувајќи ги овластувањата на наднационалните структури, како што е на пример ЕУ) и ја отфрла идејата на глобалистите за „светска влада“ и формирање „единствена економска, технолошка, културна и социјална средина“. Наместо тоа, аналитичарите подвлекуваат дека „трампизмот како идеологија инсистира на зачувување на националните држави или нивна интеграција во цивилизациите“! Натаму, трампизмот како идеологија повикува на свртување кон традиционалните вредности: свртување кон семејството и семејните вредности, потоа, наместо теоријата за постоење на повеќе пола, се прокламираат само два природни пола – машки и женски пол. Феминизмот се отфрла а трансродовите луѓе и ЛГБТ-заедницата се сметаат за маргинализирани општествени групи.
Натаму, трампизмот како идеологија инсистира на единствен национален идентитет. Во тој контекст, за САД и за западниот свет, принципот на трампизмот е дека „сите оние што доаѓаат во западните општества од други цивилизации и култури се обврзани да ги прифатат традиционалните вредности на вторите, а не да останат сами, како што се залага либералниот мултикултурализам“.
Наредна точка во трампизмот како идеологија е спротивставувањето на досегашниот (нео)либерален концепт на „владеење на малцинствата“ во државите и враќање на концептот, што меѓу другото е предвидено и во меѓународното право како – „владеење на мнозинството“! Идеологијата на Трамп инсистира на целосна „слобода на говорот“, затоа тој инсистираше и на паралелни социјални мрежи и медиуми што нема да бидат влијание на неолибералниот концепт. Во тоа беше поддржан и од Маск и од Закерберг. Идеологијата на трампизмот се спротивставува на постмодернизмот – како силен деноминатор на традиционалните вредности (религија, семејство, спорт, етика, морал…).
Трамп и глобалните политики односно надворешната политика во трампизмот како идеологија
Темелна промена во надворешната политика на Трамп, во контекст на неговиот идеолошки концепт, е дискурсот што се однесува на феномените „американски центризам и американски експанзионизам“. Неговиот дискурс, според аналитичарите, веќе нема индикатори дека содржи „неолиберален апетит и… раздели па владеј… аспирации“. Аналитичарите забележуваат одреден различен приод, кој можеби на прв поглед изгледа грубо, како што се изјавите на Трамп за приклучување кон Канада како 51. држава, купување на Гренланд, преземање контрола над Панамскиот Канал и преименување на Мексиканскиот Залив во Американскиот Залив.
Но, она што нас најмногу би нѐ интересирало е како трампизмот гледа кон Европа, а со тоа и кон Македонија? Имено, аналитичарите констатираат дека „Европа досега беше строго проамериканска, но сега со новата „трампистичка идеологија“ се менува и идеолошкиот курс на САД кон Европа. Таквата реалност европските лидери ја почувствуваа силно, со неверба и со реакции. Либералната европска стварност сега почнува да се урива како кула од карти, а европските лидери што не се огласуваат со новиот трампистички курс се мобилизираат. Но процесот започна: трампистите ги уриваат либералите и глобалистите во Европа. За издвојување е дека анализите идентификуваат две европски струи во однос на трампизмот. Имено, најлесно се вклопуваат во овој модел Унгарија, Словачка, и Италија на Мелони, односно оние системи во чија основа се почитуваат и следат традиционалните вредности, а очигледно беа во опозиција на глобалистите. Од друга страна, трампистите водат битка против британскиот премиер Кир Стармер, кого го сметаат за апологет, па дури и соучесник на „нескротливите пакистански имигрантски банди силувачи во Британија“. Трампистите подготвуваат и нешто сличен третман и политики кон францускиот претседател Макрон (кој се покажа како исклучително тврд неолиберал, што Македонија го почувствува на својата кожа), како и против германските либерали.
Најважниот елемент на идеологијата на трампизмот е неговиот фокус првенствено на внатрешните проблеми! Основните тези на МАГА-идеологијата го нагласуваат тоа на секој можен начин. Трампизмот како идеологија ја става домашната политика како приоритет!
Трампизмот и Македонија
По урнекот на МАГА-идеологијата би можело да се размислува во насока на државно-национална програма „Да ја направиме Македонија повторно Македонија“, како „Македонско сценарио за регионално и глобално дејствување“, заради градење и одржување високо државно и национално достоинство на Македонија, на македонскиот народ и на сите други граѓани наспроти ЕУ и светот. Во основа, од скоро се препознаваат такви контури на размислување и дејствување, меѓутоа поради објективни пошироки геополитички околности, се наѕираат само рамките на таквата платформа. Од низа направени консултации, заеднички именител е констатацијата дека „заради опстојот и развојот на македонската државност и на македонскиот идентитет, во овој момент е, пред сѐ, неопходна поддршката од Трамп и неговата републиканска американска администрација“. Македонското државно-политичко раководство има реални шанси да добие таква поддршка. Неопходна е специфична и оптимална комбинација на трампизмот и македонизмот, развивање курс на блиски односи и соработка со Трампова Америка, но, сепак, и курс на еднаква доближеност и еднаква оддалеченост и наспрема САД и наспрема Русија и наспрема Кина, на балансирана политичка и економска соработка со сите нив, за да не заврши Македонија како „тревата“ (која ја газат светските „геополитички слонови“ во меѓусебната борба).
Политика и позиција на високо државно и национално достоинство на Македонија и македонскиот народ наспроти ЕУ и светот
За Македонија во овој момент е клучна поддршка од новиот американски претседател и новата американска администрација, заради потврдување и развој на македонската државност и на идентитетот на македонскиот народ. Но, „Македонското сценарио“ упатува на потребата да се зачува македонското национално достоинство и да не се навлезе во ситуација Република Македонија да стане нечиј вазал и безначајна „банана-држава“ ниту „сателит“ во американската геополитичка орбита. Овде потсетуваме на одговорот на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто од 8.2.2024 година до американскиот советник за национална безбедност Џек Саливен, кога тој ја предупреди Унгарија дека „не може да биде неограничено американското трпение“ во врска со напредувањето на Шведска во придружувањето кон НАТО.
Една година пред да стане Трамп нов лидер на САД, Сијарто му порача на Саливен, но и на сиот свет: „Унгарија не обрнува внимание на упатствата на Соединетите Американски Држави. Таа не е 51. американска држава. Сите мораат да сфатат дека Унгарија е многу суверена држава и мораат да го почитуваат тоа. Без оглед дали е тоа велесила од Истокот или суперсила од Западот или која било друга земја – мораат да почитуваат дека Унгарија е држава и суверен ентитет. Унгарија нема да постапува според упатствата што доаѓаат од кое било место во светот“.
Овде мора да се потсети дека унгарскиот премиер Орбан и неговата земја одржуваат и развиваат неутрални политички и економско-енергетски односи со Русија, иако Унгарија е членка на НАТО и на ЕУ. Ваквата надворешна политика и позиција на високо државно национално достоинство на Унгарија и унгарскиот народ може и треба да се „преслика“ како надворешна политика и позиција на високо државно национално достоинство и на Македонија и на македонскиот народ, дополнета со македонските национални и внатрешнополитички специфики на повеќеетничноста на општеството и населението.
Од позиција на високо државно и национално достоинство на Македонија и македонскиот народ ќе мора и сегашното државно-политичко раководство да го повтори одговорот на најновата „надеж“ на еврокомесарката Марта Кос и на ЕУ, која папагалски повторува дека „С. Македонија ќе го промени својот устав“. Оти ова било „обврска“, а поточно е сѐ поголемо и поголемо газење на македонската државност. Одговорот на македонскиот народ веќе одекнува во бриселските кулоари дека „Македонија нема повеќе да постапува ниту да обрнува внимание на чии било упатства, надежи, наредби, ултиматуми и уцени што ќе доаѓаат од ЕУ или од кое било место во светот. Македонија не ничија колонија, ниту територија без државна власт. Сите ќе мораат да сфатат дека Македонија е многу суверена држава и ќе мораат да го почитуваат тоа. Без оглед дали е тоа велесила од Истокот или суперсила од Западот или која било друга земја – ќе мораат да почитуваат дека Македонија е држава и суверен ентитет“.
Во „македонското сценарио“ да ја нема флоскулата
„нема алтернатива за ЕУ“
Алтернатива со широка соработка со сите држави и групации на
држави во светот
Почнување и развивање курс на блиски односи и соработка со Трампова Америка, сепак, курс на еднаква доближеност (или оддалеченост) и наспрема САД и наспрема Русија и наспрема Кина, претпочитајќи политичка и економска соработка со сите нив, е за почеток добра алтернатива од слепото држење кон една единствена алтернатива, која е веќе на стаклени нозе! И како што вели авторот Меша Селимовиќ во својот „Дервиш и смрт“ „во младоста (а ние сме млада држава) – сите безбројни патишта се добри, а сите заблуди корисни колку и вистината“. И навистина, ако досега бевме во заблуда дека некој однадвор ќе ни помогне за нашиот национален просперитет и благосостојба, тоа треба веќе како дискурс да се надмине. Имено, само ние самите можеме да го одбереме вистинскиот пат, и тоа поаѓајќи со негативна селекција од сите досегашни изодени патишта, кои не нѐ однесоа никаде, туку само во стагнација и болни откажувања од себе и своите историски самостојно стекнати добивки.
Соработка со оние на кои суверенизмот им е на пиедестал
Турција е членка на НАТО, но застапува и свои засебни позиции и интереси во таа воена алијанса. Унгарија е членка и на ЕУ, но има свои засебни позиции и интереси наспроти диктатите на Брисел. Во овој момент прозвучува утописки, па дури и апсурдно, ваков концепт на еквидистанца со елементи на политичка неутралност, дотолку повеќе што и една Шведска по 200 години беше принудена да се откаже од својата неутралност и да се приклони кон Западот во судирот со Русија. Но, опстанокот на Македонија како мала држава ќе зависи и од способноста да не заврши како тревата што ја газат светските „геополитички слонови“ во меѓусебната борба!
„Македонското сценарио“ го отфрла папагалскиот рефрен „нема алтернатива за евроинтеграцијата“. Има, и тоа колку многу! Алтернативите се директната политичка и економска соработка со САД, во прв ред, и другите држави од Западот, последователно со Русија и Кина, со државите од европскиот континент без „туторство“ на Брисел, со мултиполарниот свет, Арапската лига, со АСЕАН-групата на земји, земјите од групата БРИКС, Движењето на неврзаните.
Битен елемент на „Македонското сценарио“ е и преосмислување на постојната државна евроинтеграциска политика на Македонија: ЕУ се деиндустријализира, ја губи својата економска моќ и се претвора во геополитички безначаен актер на светската меѓународна сцена. Таа може да им се сили сега само на малите држави како Македонија, ама од друга страна трпи сѐ посилни удари од Кина, САД и Русија.
Доколку Трамп заземе конструктивни позиции на уважување и соработка со Македонија, како што може да се препознае од трампизмот како идеологија, и врз основа и на заемниот Договор за стратегиско партнерство, тогаш Македонија има извонредна шанса, па и „пенал за шутирање“!
Трампизмот ја преобликува ЕУ, Брисел бара идеолози за да ѝ го покажат компасот на европските перспективи
Европејците се прпелкаат
Трамп и неговите најблиски соработници, под негови насоки, веќе почнаа засилено да ја преобликуваат политичко-економската географија на светот и да ги редефинираат одделно односите меѓу САД и Европа и Европската Унија. Во својот труд со наслов „Како европските избори ќе го преобликуваат политичкиот пејзаж?“, објавен лани, д-р Паскале Жоанин, француски експерт за европска политика и меѓународни односи, нагласува дека Европејците сега треба да се впуштат во потрага по свој вистински европски суверенитет со стратегиска автономија, но и да ја задржат способноста да донесуваат одлуки што ќе им служат на нивните интереси во светот со растечка опасност.
Аналогно на овој став на Жоанин, ќе треба и Македонците и другите граѓани на Македонија да започнат да донесуваат суверени одлуки што ќе им служат на нивните интереси, како дел од европското население, без оглед што македонската држава не е членка и на Европската Унија.
Македонија да излезе од спиралата на тонење во која е Брисел
Европската Унија уште со донесувањето на својата злогласна Лисабонска декларација од 1992 година и барањето Македонија да го отфрли ова свое име, по „ќефот“ на Грција, сѐ до денес ги гази автентичните македонски државно-национални интереси, барајќи нова промена на Уставот. Затоа е логично и потребно почитување на „стратегискиот договор со САД“ без да се наруши односот со другите партнерски земји на Македонија. Доколку Трамп заземе конструктивни позиции на уважување и соработка со Македонија, како што може да се препознае од трампизмот како идеологија, и врз основа и на заемниот Договор за стратегиско партнерство, тогаш Македонија има извонредна шанса, па и „пенал за шутирање“!
Дури тогаш Македонија ќе биде исклучително полетна да се посвети најпрво на внатрешни реформи по свој македонски урнек, да работи на подобар живот и стандард на своите граѓани, како и на зацарување на правната држава во сите димензии и во сите пори на животот и на системот. А кога и ако во некое идно време се конституира една нова „Европа на суверените нации“, тогаш и Македонија ќе треба да поднесе апликација за достоинствен влез и третман како суверена држава во таквата новата евроунија, внатрешно реформирана во својата политичка архитектура.
Да бидеме неуморно проактивни
Треба ли да се потсетува, особено од 2017 година до денес, разните европски комесари, шефови и шефици на ЕУ, помошници, заменици на државни секретари на САД, овие или оние амбасадори во Скопје, со каква и колкава бруталност истапуваа кон Македонија, кон македонскиот народ и другите граѓани, упатувајќи наредби, закани, уцени, диктати, ултиматуми да се смени името, да се применува овој и оној „добрососедски“ договор? А веќе втора година и со жестоки притисоци да се промени и Уставот? Затоа е од значење ставот на француската експертка Паскале Жоанин на ваквата „брутализација“ на односот на ЕУ кон Македонија да се одговори со нова позиција, во која ќе доминираат зголемена македонска национална самосвест, поткрепена отсега натаму со реална американска поддршка на опстојот и развојот на македонската држава, ако се успее да се добие таквата поддршка! Нека си врви „брутализацијата“ на односите меѓу САД и ЕУ, но Македонија треба да почне со „дебрутализација“ на односите на ЕУ кон неа!
Имајќи ги предвид сите претходно споменати моменти, од исклучително значење ќе бидат средбите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговите соработници со членовите на најблискиот тим на Трамп Лутник, Нунес, Павловски и другите на инаугурацијата на Трамп на 20 јануари 2024 година. Постои реална основа дека САД по 20 јануари, под лидерството на Трамп, можат да заземат ревидирана, поповолна позиција кон Македонија, уважувајќи ги во поголема мера национално-државните интереси на македонскиот народ и другите граѓани на македонската држава, за разлика од оваа досегашна американска администрација на Бајден и Демократската партија. Премиерот Мицкоски и неговите соработници ќе присуствуваат на 20 јануари и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“, која ќе се одржи по претседателската инаугурација. Тие ќе ја имаат обврската на оваа свеченост среде Америка да одекне и „македонскиот глас на слободата“!
Анализа на група новинари од редакцијата на „Нова Македонија“ Тим-лидер Свето Тоевски