ШАХ
Предновогодишна симултанка на Љубомир Хаџи-Манев

Во организација на Сојузот на здруженија на пензионерите на Град Скопје, а под покровителство на Шаховскиот сојуз на Град Скопје (ШСГС), се одржа третата традиционална предновогодишна шаховска симултанка. На симултанката, која ја одигра истакнатиот македонски ФИДЕ-мајстор Љубомир Хаџи-Манев, учествуваа 13 љубители на древната игра.
Притоа, Хаџи-Манев беше убедлив и славеше со максимални 13-0. Гости на симултанката беа претседателот на ШСГС, Ѓорѓи Миновски, и бизнисменот Благој Механџиски.
– Додека се одржуваше симултанката имав можност накратко да поразговарам со бизнисменот Благој Механџиски, да му ги презентирам активностите на ШСГС, а стана збор и за евентуална меѓусебна соработка и поддршка на шаховските активности. Тој, покрај другото, се интересираше до каде е со реновирањето на новиот централен шаховски дом, кој му е потребен на шаховско Скопје – ни изјави меѓу другото Миновски. Г.И.


КОШАРКА – НБА

Џејсон Тејтум го забележа првиот трипл-дабл со 40 поени за Бостон по Лери Бирд во 1992 година

Селтикс, бранителот на титулата во кошаркарската НБА-лига, го победи Чикаго со 123-98, а Џејсон Тејтум оствари т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), со 43-поени, 16 скока и 10 асистенции, што предизвика споредби со великанот на Бостон и член на Куќата на славните, Лери Бирд, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Третиот трипл-дабл на Тејтум во кариерата е прв за играч на Бостон со барем 40 поени, откако Бирд постигна 49 поени со 14 скока и 12 асистенции во победата на дуелот со Портланд со 152-148 по две продолженија во март 1992 година, објави клубот, пренесе АП.
– Лери Бирд е веројатно најдобриот играч што некогаш го носел овој дрес. Значи, секогаш кога ќе постигнете нешто да бидете во истата реченица со него, тоа е нешто посебно, дури и ако никогаш не го достигнете тој врв – рече Тејтум.
Бирд оствари 59 трипл-дабла во кариерата за Бостон. Според клубот, Тејтум е првиот за тимот што имал барем 40 поени и 15 скока, пренесе АП. Н.М.