На форумот, кој се планира во иднина да се прошири, беа пренесени спортските искуства и знаења од учесници на минати летни олимписки игри и поранешни и сегашни врвни спортисти
Македонскиот олимписки комитет (МОК), заедно со учесници на минати летни олимписки игри (ЛОИ) и поранешни и сегашни врвни спортисти, организира форум за младите спортисти и идни олимпијци, а потенцијални учесници на европските младински олимписки игри „Скопје 2025“, на кој беа пренесени спортските искуства и знаења.
Наталија Малахова (ракомет, учесничка на европски и светски првенства), Дивна Пешиќ (стрелаштво, ЕП, СП, ЛОИ 2000 и ЛОИ 2004), Еди Шерифовски (џудо, ЕП, СП, ЛОИ 2024), Милјана Рељиќ (таеквондо, ЕП, СП, ЛОИ 2024), Анастасија Мојсовска (стрелаштво, ЕП, СП, ЛОИ 2024), Едина Муса (кошарка), Пуликсенија Јованоска (карате, ЛОИ 2020), Огнен Стојановски (кошарка) и Владимир Мирковски (тренер и професор по физичко воспитување) им ги пренесоа своите искуства и знаења на младите спортисти, со посебен осврт на својот тренажен процес, посветеност кон спортот, паралелната едукација и кариера по спортската кариера, проблемите во спортот, здравствената и антидопинг-едукација, психолошката состојба, враќањето на спортскиот терен по повреда и слично, пренесе МОК.
МОК планира во иднина овие настани да ги прошири и многу посериозно да се посвети на дополнителната едукација на спортистите во однос на давање целосна логистика на врвните спортисти идни олимпијци како дополнителна вредност на нивниот тренажен и натпреварувачки процес, нешто што го гради секој врвен спортист во иден модел за соодветен развој на младите спортисти, кои треба да бидат светлата иднина на македонскиот врвен спорт, пишува МОК. Г.И.