Ова е само почеток на една соработка, која треба да иницира тимска работа за постигнување подобри спортски резултати. На тренингот беа присутни многу од кадетите што се членови во националниот тим и среќен сум што кај нив постојат голема мотивираност и подготвеност за предизвиците што нѐ очекуваат во 2025 година, вели Игор Паскоски, селектор на кадетската репрезентација на Македонија

ЏУДО

Со поддршка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) и деканот, проф. д-р Влатко Неделковски, во салата за џудо, а наедно и доџо (место каде што се практикуваат боречки вештини – н.з.), на клубот Миоки, во Скопје беше одржан заеднички тренинг помеѓу џудо-клубовите Пролетер од Прилеп, Кожувчанка од Кавадарци и организаторот на овој настан, Миоки од Скопје. Во прекрасна спортска атмосфера околу 50 џудисти го дадоа својот максимум на татамите.
– Ова е само почеток на една соработка, која треба да иницира тимска работа за постигнување подобри спортски резултати. На тренингот беа присутни многу кадетите што се членови во националниот тим и среќен сум што кај нив постојат голема мотивираност и подготвеност за предизвиците што нѐ очекуваат во 2025 година. Од перспектива на клупски тренер, можам да кажам дека имаме силна стручна, но и логистичка поддршка од најеминентната институција за спорт, односно Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, што претставува голем импулс во работата со џудистите, а особено со членовите во репрезентативниот состав – ни изјави Игор Паскоски, селектор на кадетската репрезентација на Македонија.
За посебни заслуги во успесите, напредокот, промоцијата на клубот и џудо-спортот, на овој настан беше промовиран проф. д-р Жарко Костовски за доживотен почесен претседател на ЏК Миоки.
– Изразуваме голема благодарност за гостувањето на џудистите предводени од проф. Игор Димитријоски, проф. Славе Димитријоски, Марјан Колев и проф. Трајче Марков. Воведниот дел од тренингот го водеше најуспешниот џудист во нашата историја Хамза Јашари, а, пак, главниот дел д-р Игор Паскоски. На настанот присуствуваа и основачот на клубот Одисеј Албановски и националната судијка Наталија Динова. Голема благодарност за успешно организираниот настан на Владимир Крстев (ИТ-тим), Маринела Богдановска (генерална секретарка), Марта Ајановска и Маја Перинска Винокиќ од организацискиот одбор на клубот – информираат од клубот Миоки.


Свој коментар по повод овој заеднички настан упати и Игор Димитријоски, селектор на пионерската репрезентација на Македонија.
– Прво да дадам најпофални зборови за спортскиот објект, односно салата за џудо, со нескромен коментар дека во моментов ова е најдоброто доџо со најдобрите услови за тренинг во државава. Подготовките за натпреварите во 2025 година се веќе во тек. На овој тренинг имав можност да направам увид на дел од потенцијалните кандидати за репрезентативниот состав. Нѐ чека напорна и сериозна работа доколку сакаме да бидеме конкурентни во борбите за медали. Со овој тренинг покажавме дека заедно можеме многу повеќе. Ги охрабрувам сите клубови да почнат го следат овој наш пример – рече Димитријоски. Г.И.


Џудо-федерацијата на Македонија ги прогласи најдобрите за 2024 година

Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) на пригодна свеченост одржана во Прилеп, традиционално, ги прогласи најдобрите за годинава, изразувајќи надеж за уште повисоки спортски достигнувања во 2025 година. Признанијата на најдобрите им ги предаде претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски. Најуспешни поединци во годината што полека изминува се Марија Китевска (помлади пионерки), Виктор Трчков (помлади пионери), Тамара Илиоска (пионерки), Амар Бајрамовски (пионери), Ива Богдановска (кадетки), Михаил Стојановски (кадети), Борјана Поп Атанасова (јуниорки), Сергеј Димитриоски (јуниори), Јелена Јовевска (ветеранки), Марјан Димески (ветерани), Катерина Ацевска (сениорки), Еди Шерифовски (сениори). Најуспешен џудо-клуб за 2024 година е Миоки од Скопје, втор е Сеишин од Прилеп, а трет Пролетер од Прилеп.