Неодамна соборениот сириски диктатор Башар ал Асад со авион префрлил 250 милиони долари во готовина во Москва во периодот од 2018 до 2019 година, објави синоќа Фајненшл тајмс. Цитирајќи ги финансиските податоци што ги видел весникот, ФТ објави дека сириската централна банка испратила речиси два тони банкноти од 100 и 500 евра во Русија, кои потоа биле депонирани во санкционирани банки.
Медиумите објавија дека трансферите се случиле во време кога режимот на Асад во голема мера зависел од руската воена поддршка, а во исто време роднините на Асад купувале имот во Русија, вклучително и луксузни станови.
Москва ги распореди своите сили во Сирија во 2015 година, поддржувајќи го режимот на Асад против бунтовничките сили. Сириските бунтовници на 8 декември објавија дека успешно го собориле Асад по молскавична офанзива низ целата земја, која кулминираше со заземањето на главниот град Дамаск.
Москва го убедила Асад да побегне во Русија со своето семејство откако сфатила дека неговиот режим ќе падне поради брзиот напредок на бунтовниците, објави Блумберг на 11 декември, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ.
„Режимот мораше да ги префрли парите во странство, на безбедно, за да може да ги искористи за да обезбеди удобен живот за Асад и неговиот близок круг“, рече Дејвид Шенкер, помошник државен секретар на САД за блискоисточни прашања од 2019 до 2021 година.