Едукативен проект на Националната галерија на Македонија

Во рамките на едукативната програма на Националната галерија на Македонија, покрај другите едукативни проекти, за 2024 година е предвиден и проектот „Музеј во училиште, училиште во музеј“ како дел од годишната програма. Со отворена покана до предметните професори за ликовна култура во повеќе средни училишта низ градовите во Македонија е понудена можност за дополнителна едукација.
– Поради неможноста за колективна посета на учениците, со оглед на далечината или распоредот на проектните активности во рамките на наставната програма, дојдовме до идеја ние да го донесеме музејот/галеријата кај вас и одблизу да ве запознаеме со животот и творештвото на современите македонски уметници. На наше задоволство, поканата беше прифатена од младите педагози, секогаш отворени и расположени за соработка. При посета на училиште, пред група ученици ќе се одржи предавање за животот и творештвото на некој од следниве претставници на македонската модерна уметност чии дела се дел од Колекцијата на Националната галерија: Лазар Личеновски, Вангел Коџоман, Томе Аџиевски, Никола Мартиновски, Омер Калеши, Боро Митриќевски, Димо Тодоровски, Катја Ефтимова, Љубомир Белогаски, Тома Владимирски, Борко Лазески, Васко Ташковски, Димитар Пандилов, Димитар Папрадишки и Танас Луловски – велат од НГМ.
Прва дестинација е градот на Рацин.

– Во Велес ќе зборуваме за животот и делото на Димитар Андонов Папрадишки, со што Националната галерија на Македонија се придружува во одбележувањето на јубилејот 70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки, еден од последните зографи што истовремено најави нов период во развојот на модерната македонска ликовна уметност, период на преродба што ги донесе и првите дела на профано сликарство. Да се претстават достоинствено и да се презентираат соодветно творците што низ вековите и децениите учествувале во создавање на националната културна ризница е едно од примарните настојувања и определби на Националната галерија, институција чија обврска се грижа, заштита, чување, негување и презентирање на културната оставина заради нас и идните генерации – истакна директорката Маја Неделкоска Брзанова на неодамнешното свечено отворање на изложбата по повод 70 години од смртта на Димитар Папрадишки во организација на Народниот музеј – Велес.
Неделкоска Брзанова со задоволство истакнува дека двете институции имаат остварено соработка преку организација на заеднички проекти како тематски изложби и јубилејни одбележувања по повод одредени значајни датуми на наши еминентни ликовни автори. Една од овие соработки е и одбележувањето на јубилејот 150 години од раѓањето на Димитар Андонов Папрадишки со изложба што беше отворена во 2009 година во Националната галерија, во објектот „Даутпашин амам“.
– Ваквите настани, можам слободно да кажам дека го чуваат нивниот спомен, ги премостуваат просторот и времето меѓу реалното физичко постоење и духовното опстојување во колективната меморија на нашиот народ, отворајќи пат до идните генерации – сподели директорката Неделкоска Брзанова. В.Д.