Здружението за промоција на документаристика „Македокс“ продолжува со серијата проекции во рамките на програмскиот сегмент „Зимски Македокс“. На 10 декември, со почеток во 21 часот, во едукативно-културниот центар „Лабораториум“ во Скопје се одржа проекција на македонскиот документарен филм „Градина“ (2024, 75 мин.), во режија на Бојан Тантуровски, беше промовирана новата онлајн платформа „Док араунд Јуроп – филм фестивал нетворк“, а вечерта заврши со предновогодишно дружење и коктел.
Премиерата на документарниот филм „Градина“ на Бојан Тантуровски се одржа на 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. По триесет и пет години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близината на реката Вардар, последните герила-градинари во Скопје се соочени со иселување. Како што се шири градот, тие се принудени да бараат друго земјиште.