Започна откупот на тутунот од годинашната реколта на целата територија на Македонија. Сите 10 откупувачи започнаа со откуп на жолтото злато. Од Сојузот на тутунски здруженија велат дека денеска тутунот се ценел во прва класа по просечна цена од 375 денари.
-Проценката на тутунот денеска се врши во прва класа. Квалитетот на тутунот е одличен и годинава од тутунопроизводители се очекува да се преземат од 15 до 17 милиони килограми тутун. Се уште инсистираме да се зголеми цената на тутунот. Не отстапуваме од нашите барања барем тутунот да се откупувам по 420 денари и субвенциите да бидат 100 денари – вели Кире Ристески, претседател на Сојзуот на тутунски здруженија на Македонија.
И Тутунскиот комбинат Прилеп, како државна фирма, денеска започна со откуп на тутунот од годинашната реколта нa 16 пунктови, од кои десетина во прилепско битолскиот регион и во радовишко.
-Планираме да го откупиме тоа што е договорено со кооперантите, односно околу два милиони килограми тутун. Исплатата ќе се врши двапати неделно, вторник и петок. Вкупно на целата територија на Македонија ќе имаме 26 откупни пункотови до законскиот рок.. Цената на тутунот не зависи само од Тутунскиот комбинат. Ние сме дел од пазарот и не можеме сами да одлучиме за цената. На состаноци со Здруженијата на тутунарите се прават напори да се зголеми цената. Тутунарите очекуваат повисока цена, ама дали ќе има не можам да кажам во овој момент. Ние сме подготвени да одговориме доколку има нова цена за тутунот. А, квалитетот на тутунот е подобар од ланската реколта – изјави денеска Александар Алексовски, директор на Тутунскиот комбинат Прилеп. Ка.М.