Со концертот насловен „80 години – Љубов“, вечерва со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во А-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр. 1 – „Титан“ од Густав Малер. Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонската филхармонија – маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, добива позитивни критики за својата моќна виртуозност и длабоко изразен пристап, како и за харизматичното присуство на сцената. Пред дваесет години започна на меѓународната сцена како уметник од новата генерација на „Би-би-си“ и во својата неверојатно брзорастечка кариера, без ограничувања во музиката, има соработувано со над сто оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот филхармонија, Националниот оркестар на Франција, кралскиот оркестар „Концертгебау“, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, радио-симфонискиот оркестар „Берлин“ и „Елбфилхармонијата“. Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и на Балтимор. Во Јужна Америка има изградено прекрасна релација со оркестарот „Естабле дел Театро Колон“, а настапувал и со симфониите на Сеул, Хонгконг и со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн и на Нов Зеланд. Трпчески има работено со голем број истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман… Неговата долгорочна соработка со Василиј Петренко резултира со богата дискографија; меѓу другите и заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар ги сними сите пијано-концерти на Рахманинов и пијано-концертите на Чајковски и Прокофјев… Во сезоната 2023-2024, како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар, Трпчески го сними својот најнов албум за „Лин рекордс“, кој ќе ги содржи концертите бр. 2 и бр. 5 на Сен-Санс под диригентство на Томас Сондергард. Во сезоната 2024-2025, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови многубројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и „Оркестра симфоника де Сао Паоло“, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија… Беше уметник од новата генерација на „Би-би-си“ во периодот 2001 – 2003 година, а во 2003 година ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф-диригент на Македонската филхармонија. В.Д.


Настап на хорот „Мирче Ацев“ и изложба

Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19.30 часот, во фоајето на Филхармонијата, со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“, кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонската филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска–Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии што ги следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти. МРТ преку директен пренос ќе го пренесува свечениот концерт на Македонската филхармонија, со цел публиката низ нашата држава во што поголем број да го проследи јубилејното чествување. Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонијата, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со значајни дејци од музичкиот живот во земјата.