Концерт во МНТ за 30 години македонско -јапонски односи
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, кој е во дводневна работна посета на нашата држава, во Македонскиот народен театар присуствуваа на концерт на Оркестарот за џез-музика на Македонија. Концертот се одржува во чест на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Јапонија.
Пред почетокот на концертот се обратија министерот Љутков, комесарот Токура, амбасадорот на Јапонија во Македонија, Оцука Казуја, како и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски.
На концертот, џез-оркестарот изведе композиции инспирирани од македонското изворно творештво, како и авторска композиција на гостинот Нобуо Ватанабе од Јапонија.
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна, а асистент на режија е Шенај Мандак. Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценографка се потпишува Весна Поповиќ, костимографка е Роза Трајческа-Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
„Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ. Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Гран при за македонскиот филм „М“ во Шведска
Македонскиот филм „М“, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм „Лајт тил дарк“ во Оребро, Шведска.
– Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм што нѐ остава со надеж, но и скршено срце – беше образложението на интернационалното жири.
„Лајт тил дарк“ е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт.
– Целта на овој фестивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела што не стигнуваат во широка дистрибуција – изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
„М“ не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што филмот ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот „Источни соседи“ во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.