Постигнат договор за прекин на огнот помеѓу Израел и Хезболах
Прекинот на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах вчера стапи во сила, откако двете завојувани страни го прифатија договорот постигнат со посредство на САД и Франција, што е ретка победа за дипломатијата во регион погоден од две војни повеќе од една година, пренесуваат светските медиуми. Американскиот претседател во заминување Џо Бајден соопшти дека бил постигнат договор за прекин на огнот, откако израелскиот безбедносен кабинет ја одобри спогодбата.
Либанската армија, која има задача да помогне во обезбедувањето на примирјето, соопшти дека се подготвува за распоредување на југот на земјата. Либанските вооружени сили побараа жителите на пограничните села да го одложат враќањето во нивните домови додека не се повлече израелската армија, која во неколку наврати водеше војна против Хезболах и продре на околу шест километри во Либан.
Договорот ветува крај на конфликтот преку израелско-либанската граница, во кој досега загинаа илјадници луѓе откако избувнаа оружени судири по почнувањето на војната во Газа минатата година. Но спогодбата најверојатно ќе му овозможи на Израел поблиску да се фокусира на конфликтот во Појасот Газа против палестинската исламистичка група Хамас, која ги предводеше нападите врз израелските заедници на 7 октомври 2023 година. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека прекинот на огнот ќе му овозможи на Израел да се фокусира на заканата од Иран, ќе ѝ даде можност на израелската армија да се одмори и да ги дополни резервите и да го изолира Хамас.
Од Израел посочија дека нивна воена цел била да се обезбеди безбедно враќање на околу 60.000 Израелци што побегнале од нивните заедници по должината на северната граница кон Либан кога Хезболах почнал да истрелува ракети врз нив за поддршка на Хамас во Газа.
Израел, според спогодбата, постепено ќе ги повлече своите сили во текот на 60 дена, бидејќи либанската армија ќе ја преземе контролата на територијата во близината на нејзината граница со Израел, за да се осигури дека Хезболах нема да ја обнови својата инфраструктура таму. Р.С.