Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата Икс на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47-ми претседател на САД.

Како и многу европски медиуми и новинарски организации, ЕФЈ смета дека повеќе не може етички да учествува во социјалната мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина, објавија тие.

– Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите – рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.

– Социјалната мрежа Икс стана вектор за теории на заговор, расизам, екстремно десничарски идеи и мизогинска реторика. Икс е платформа која повеќе не служи на јавниот интерес, туку на одредени идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и неговите политички сојузници – рече Север.

– Уредувачката еволуција на Икс, откако беше купена од Илон Маск, едноставно е во спротивност со нашите хуманистички вредности, нашата посветеност на слободата на медиумите и медиумскиот плурализам и нашата борба против сите форми на омраза и дискриминација. Одлуката да се отстрани нашата сметка @EFJEUROPE ни се чинеше очигледна и ги повикуваме сите подружници и организации кои ја бранат слободата на изразување да се префрлат на други платформи – рече генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез.

Веднаш по изборот на Трамп, Илон Маск, кој беше активен во американската политика и како финансиски поддржувач на Трамп, изјави дека „традиционалните медиуми се мртви“, тврдејќи дека „поголемиот дел од традиционалните медиуми ја лажеле јавноста“.