Вредноста на синдикалната минимална кошница (СМК) за ноември изнесува 62.021, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Со изнајмен стан од 60 квадрати за истиот месец таа изнесува 77.396 денари. Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за октомври, забележано е зголемување за 772 денари.
Од ССМ посочуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за ноември споредена со онаа од јануари (57.163) е зголемена за 4.858 денари, односно за 8,5 отсто. Додека кај храната и пијалаците СМК за ноември изнесува 22.678 денари, споредено со јануари годинава (21.007 денари) е зголемена за 1.671 денар, односно за 7,9 отсто.
– Од податоците на вредноста на синдикалната минимална кошница, евидентно е дека некој се богати на грбот на граѓаните и работниците, а не ги почитува мерките на Владата, кои се креираат за да им се помогне на граѓаните со ниски примања – велат од ССМ.
Трговците, како што се посочува во соопштението од ССМ, покажуваат дека немаат општествена одговорност ниту почит кон Владата, ако имаме предвид дека вредноста на синдикалната минимална кошница во делот за храна и пијалаци, ден по завршување на мерката на Владата, повторно е зголемена за 609 денари.
Од ССМ велат дека разговараат со Министерството за економија и труд по однос на креирањето на идните мерки, но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето кон ваквите нефер трговски практики и да казнува. Н.М.