Фото: Пиксабеј

Мариус Борг Хоиби (27), син на норвешката принцеза Мете-Марит од нејзината претходна врска, е уапсен во понеделникот вечерта под сомнение за силување, соопшти полицијата. Случајот ја шокираше норвешката јавност, бидејќи Борг Хоиби нема официјална јавна улога, но е дел од кралското семејство и израснал со полусестрата принцезата Ингрид Александра (20) и полубратот принцот Свере Магнус (18).

Полициското соопштение открива дека Борг Хоиби е осомничен за кршење на кривичниот закон, кој вклучува „сексуален однос со лице кое е инвалидно или на друг начин не може да се спротивстави“. Во дополнителното објаснување се наведува дека се работи за сексуален чин без целосна пенетрација.

Инцидентот што доведе до негово апсење се случил на 4 август, кога Борг Хоиби наводно бил во станот на жена со која бил во врска. Полицијата го товари за нанесување телесни повреди, а во тој момент бил пронајден заглавен нож во ѕидот од нејзината спална соба. Осомничениот дополнително бил приведен во септември поради прекршување на забраната за приближување.

Во моментот на последното апсење, Борг Хоиби бил во автомобилот со истата жртва, што дополнително ја искомплицирало ситуацијата. Полицијата соопшти дека сè уште не одлучила дали ќе побара притвор.

Норвешките медиуми интензивно известуваа за овој случај, нагласувајќи дека се работи за лице кое иако без официјална титула, потекнува од кругот на кралското семејство. Борг Хоиби пораснал со полусестра и полубрат во семејството на престолонаследникот Хакон и принцезата Мета-Марит, коja се омажи за престолонаследникот во 2001 година.

Полицијата соопшти дека истрагата вклучува и сомневање за семејно насилство поврзано со инцидентот во август, додавајќи нова димензија на веќе сериозните наводи.