За потсетување на јавноста, веднаш по атентатот и во годините што следуваа, како мотив со голема веројатност за атентатот беше пласирана тезата дека „Глигоров ја одбил понудата на Милошевиќ за тоа Македонија да остане во мини-југословенската федерација заедно со Црна Гора и тогаш проектираните, а сѐ уште невоспоставени делови на Босна и Херцеговина“. Поради тоа одбивање од страна на македонскиот претседател, „како инспиратор на атентатот се сомничеше највисокиот српски државен врв“. Меѓутоа, деновиве во српските медиуми се појави изјава на очевидец на клучниот разговор меѓу претседателите Глигоров и Милошевиќ, имено поранешниот телохранител на Милошевиќ, Горан Пајиќ, кој бил непосредно присутен на разговорот во Белград ден пред атентатот врз Глигоров. Тој открива дијаметрално спротивен став искажан од страна на Глигоров, кој не го одбил, туку, напротив, го прифатил предлогот на Милошевиќ за „поврзување во државноправна заедница со Србија“. Токму тоа открива една сосема нова страница на нови можни мотиви за атентатот, од други центри на моќ. Се разбира доколку изјавата на Пајиќ е веродостојна, односно вистинита
Медиуми во Србија повторно го актуализираат атентатот врз македонскиот претседател Киро Глигоров
Информацијата дека ден пред атентатот врз претседателот Киро Глигоров, на 3 октомври 1995 година, се одржала средба во четири очи во Србија меѓу македонскиот претседател Глигоров и тогашниот претседател на СР Југославија, Слободан Милошевиќ, е позната. Тоа е историски факт. Меѓутоа, што се дискутирало на таа средба и што евентуално било договорено, никогаш не беше познато во јавноста. Дури македонските истражни органи не ги добиле ниту стенограмите од таа средба, иако тие биле побарани од страна на македонските власти. Токму во врска со тоа деновиве во српски медиуми со изјава излезе поранешниот телохранител на српскиот претседател, Горан Пајиќ, кој десет години бил дел од Единицата за обезбедување на Слободан Милошевиќ. Имено, тој вршејќи ја својата службена обврска за физичко обезбедување, бил очевидец на дискусијата, па и на своевиден договор меѓу двајцата претседатели. Изненадувачки, и од нему познати причини, тој деновиве даде изјава за српската јавност во која открива клучни детали на разговорот, поточно договорот меѓу тогашните шефови на држави, српскиот и македонскиот, при што Глигоров се согласил Македонија да биде дел од новата Југославија.
– Кога во 1995 година беше убиен Киро Глигоров, пред тоа имаше тајна средба во Белград со Слободан Милошевиќ и се договорија Македонија да биде дел од новата Југославија. Меѓутоа, очигледно тоа некому не му одговараше, па организираа атентат. За такви работи се решава во дел од секундата – изјави Пајиќ во емисијата „Добро утро, Србијо“.
Спротивставени информации: Глигоров одбил или прифатил Македонија да биде со Србија?
За потсетување на јавноста, веднаш по атентатот и во овие долги години како можна причина за атентатот отворено се пласираше една дијаметрално спротивна теза од гореспоменатата (пласирана од телохранителот на Милошевиќ, Горан Пајиќ). Во таа информација сите овие години како можен инспиратор на атентатот на Глигоров се споменува токму српскиот највисок државен врв. Основите за таквото тврдење беа поткрепени од исказот дека наводно „Глигоров всушност ја одбил понудата на Милошевиќ за тоа Македонија да остане во мини-југословенската федерација заедно со Црна Гора и тогаш проектираните а сѐ уште невоспоставени делови на Босна и Херцеговина“.
Токму таквата позиција и став на Глигоров се вклопија во криминалистичко-тактичката верзија на безбедносните експерти дека „мотивите на Белград се и повеќе од силни за да се организира и изврши тој акт на највисоко политичко насилство“!
Но изјавата на поранешниот телохранител на Милошевиќ, Горан Пајиќ, открива една сосема нова страница на можни мотиви, од други центри на моќ, се разбира доколку изјавата на Пајиќ е вистинита.
Хроничарите забележуваат дека меѓу двајцата државници не биле забележани некои поголеми политичко-државнички спротивставености во годините на распадот на Југославија како федерација. Но, сепак, јавно беа изнесени елементи и мотиви дека постоел силен мотив атентатот да биде спроведен од српски центри, што до денес не е доработено, потврдено или демантирано. А бидејќи двајцата поранешни претседатели на постјугословенските држави се покојни, со целата почит што ја носат со нивните лични и политички биографии, анализата на средбата, а и потоа, при сѐ уште отворената истрага за атентатот врз Глигоров, од која тече 30-та година, дава услови за спокојна длабинска и темелна стратегиска анализа, за тоа што е познато и што навистина се случило на средбата. П.Р.
Историјата памети низа атентати над кралеви и претседатели од овие наши простори чиј лајтмотив им бил некаков заеднички југословенски државноправен ентитет, поради што врз нив бил извршен брутален акт на политичко насилство – атентат…
Југославија – заеднички именител и мотив за атентати над највисоки државници на овие простори
Од сегашен аспект и внимание на јавноста, која повторно е предизвикана со споменувањето на формата и содржината на средбата Милошевиќ – Глигоров пред 30 години, во резиденција во близината на Белград, деновиве сериозно се отвори дилемата „дали навистина била постигната согласност Македонија да остане како дел во скратена југословенска федерација“? Ако навистина одговорот е „да“, тогаш тоа во суштина отвора и историска дилема за тоа „кој всушност е вистинскиот инспиратор, нарачател, организатор и реализатор на атентатот“?
Познавачите на политичко-историските околности отвораат уште една дилема на истава тема: постоење на заеднички именител на вториот дел од референдумското прашање од 1991 година, за суверена и самостојна Македонија, со новата верзија од разговорот меѓу Милошевиќ и Глигоров (согласност Македонија да развие поблиски државноправни релации со Србија)!?
За потсетување, референдумското прашање, кое беше историски момент за формата на државната сувереност и независност на Македонија, гласеше: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија“? Тогаш тоа звучеше како континуитет на познатата платформа Изетбеговиќ – Глигоров, која пропадна во времето на војната во СФР Југославија, но сега звучи (доколку се покаже веродостојна изјавата на телохранителот Пајиќ) дека Глигоров размислувал за нов обид за континуитетот на (асиметрична) Југославија да продолжи, преку договор со Милошевиќ?
И така, сѐ што се случуваше во триесетте години што следуваа, вклучувајќи ја и војната на НАТО и Србија, до влезот на Македонија во Алијансата со потпишувањето на Преспанскиот договор, така како што беше потпишан, ја продолжува историската политичко-стратегиска енигма за атентатот врз Глигоров како пресуден историски настан за стратегиските постјугословенски процеси во Македонија, Балканот и Европа. Илузорно би било и да се размислува во насока дека безбедносниот концепт на НАТО веќе не ги презел сите постапки за разјаснување на атентатот врз Глигоров, вклучувајќи и за фактот кон која стратегија на Македонија како држава тој терористички акт бил насочен, а згора на тоа и поради процесите што следуваа, вклучувајќи го и воениот конфликт во 2001 година, како „војна што не беше војна“!?
Затоа, логично, соговорниците го враќаат прашањето за идејата на неколкуте тогашни лидери од поранешните југословенски републики, за некаква мини-југословенска федерација и кому му беше потребен и што беше наредниот потег на шаховската табла кога „цел за отстрел“ беше претседателот Глигоров? П.Р.