Фото: Принтскрин

Голем број граѓани од утрово чекаат во ред пред салата „Борис Трајковски“ во Скопје за подигнување на ваучерите на инвертери кои ги доделува Министерството за енергетија. Колони има долж цел паркинг на салата.

Ваучерите можат да се подигнат денеска од 9 до 17 часот во пунктот во „Борис Трајковски“. Оние граѓани кои денеска нема да успеат да стигнат, тоа ќе можат да го направат до крајот на ноември во просториите на Министерството за енергетика.

Ваучерите мораат да се искористат до 30 ноември. После овој рок тие не важат.

За ваучерите граѓаните аплицираа во февруари, а ги добиваат сега. За овој проект на минатата Влада на СДСМ и ДУИ обезбедени се 4,1 милион евра, или има пари за 6,182 ваучери. На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4.305 баратели.

Согласно јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари.