ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ
По турнирите со брзо темпо на игра (11 кола, победи ФИДЕ-мајсторот Јани Богоевски), односно со забрзано темпо (девет кола, славеше Миле Трајковски), од денеска повторно во просториите на ШК Алкалоид во Скопје, а во организација здружението ШКВ Скопје 72, ќе се одржи третиот и последен ветерански шаховски турнир (седум кола, секој ден од 11 часот, со темпо на игра еден час, плус триесет секунди по секој потег). На овие три турнира можат да настапат само шахисти што не се помлади од 60 години, а се дел од шаховскиот фестивал „Незаборав за хероите“, во чест на јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември.
Љубителите на шахот повторно ќе имаат можност да видат возбудливи и докрај неизвесни партии, како и силни ветерански шаховски имиња. На еден ден пред почетокот на турнирот беа пријавени 20 шахисти, од кои четворица ФИДЕ-мајстори (ФМ), а прворангиран повторно е ФМ Богоевски (2.160 рејтинг-поени). Сите три турнира ќе се сметаат за официјални ветерански првенства на Скопје за годинава. Пред почетокот на првиот одржан турнир, сите учесници со едноминутно молчење им оддадоа почит на паднатите борци за ослободувањето на Скопје, а еден ден подоцна претседателот и потпретседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски, односно Љубомир Хаџи-Манев, положија и свежо цвеќе на споменикот на паднатите партизани на гробиштата во Бутел. Г.И.