Во ова издание секој бод и секој гол се важни. Секој натпревар го почнуваме со цел да победиме и да ги намалиме грешките, кои се неизоставен дел од секој дуел. Победа е императив на мечот со Летонија, но очекувам многу потежок натпревар од тој во Рига, рече селекторот Благоја Милевски пред средбите идната недела во Скопје со Летонија и со Фарските Острови. Македонија по четири кола води во групата 4 на лигата Ц и е пред промоција во лигата Б
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот со фудбалерите за завршните два натпревара од групната фаза на Лигата на нациите, во Скопје, со Летонија на 14 ноември (од 20.45 часот) и со Фарските Острови три дена подоцна (од 15 часот). Македонија по четири кола води во групата 4 на лигата Ц со 10 бода, по шест повеќе од селекциите на Ерменија и на Летонија и седум повеќе од репрезентацијата на Фарските Острови, и е пред промоција во лигата Б, каде што во следното издание на тоа натпреварување ќе играат првопласираните селекции од секоја од четирите групи на лигата Ц.
– Во ова издание секој бод и секој гол се важни. Секој натпревар го почнуваме со цел да победиме и да ги намалиме грешките, кои се неизоставен дел од секој дуел. Победа е императив на мечот со Летонија, но очекувам многу потежок натпревар од тој во Рига. Им посакувам добредојде на двајцата дебитанти, кои заедно со Стојчевски и Илиевски, кој не е сега со нас, се приклучени од последната генерација на младата репрезентација до 21 година. Се надевам дека во иднина ќе се наметнат и ќе бидат важен дел од тимот што се гради. Поминавме многу тежок период со минутажата на нашите играчи во клубовите. Имаме проблеми со повредени фудбалери. Свесни за важноста на овие два натпревара, главна цел ни е да останеме на првата позиција – рече Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
На црвено-жолтите за обезбедување на првото место во групата им треба еден бод од преостанатите два меча дома или, пак, Летонија да не победи на двете средби, со Македонија на гости и со Ерменија дома. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови, прво што решава е меѓусебниот резултат.
Според најавите, четири од победниците на групите во лигите А, Б, Ц и Д ќе имаат и можност да играат во плејофот за пласман на Светското првенство (СП), кое во 2026 година треба да се игра во САД, Канада и во Мексико. На СП 2026 директно треба да се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи.
За преостанатите четири места од Европа, вкупно 16 селекции ќе настапат во плејофот, и тоа 12 второпласирани репрезентации во групите од квалификациите за СП 2026 и четири селекции победнички на групите во лигите А, Б, Ц и Д во Лигата на нациите, кои преку редовните квалификации не се пласирале директно на Мундијалот во 2026 година или не влегле во плејофот како второпласирани.
Состав: голмани: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски, Марко Алчевски. Одбрана: Висар Муслиу, Никола Серафимов, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Бојан Димоски, Стефан Ашковски, Ѓоко Зајков, Андреј Стојчевски, Бехар Фета, Дарко Велковски. Среден ред: Енис Барди, Јани Атанасов, Елиф Елмас, Исник Алими, Давид Бабунски, Сефер Емини. Напад: Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Лирим Ќамили, Димитар Митровски, Кристијан Трапановски. Н.М.
ЛИГА Ц, ГРУПА 4
Македонија – Летонија 14.11
Ерменија – Фарски Острови 14.11
ТАБЕЛА
Македонија 4 3 1 0 8-1 10
Ерменија 4 1 1 2 6-7 4
Летонија 4 1 1 2 3-8 4
Ф. Острови 4 0 3 1 4-5 3