Италијанската полиција го уапси новиот новиот шеф на сицилијанската мафија Сетимо Минео, како и уште 45 осомничени мафијаши.
– Со акцијата е зададен силен удар врз организираниот криминал на Сицилија, изјави денеска потпретседателот на италијанската Влада, Луиџи ди Мајо.
Полицијата потврди дека меѓу уапсените се наоѓа и 80-годишниот Минео, шефот на локалните мафијашки семејства во главниот град на островот, Палермо. Официјални претставници наведуваат дека Минео неодамна е именуван за генерален шеф на Коза ностра.
– Минео е избран за „наследник“ на Тото Рина по неговата смрт. Повеќе нема место за ваков тип на злосторници во Италија – напиша денеска Ди Мајо на Инстаграм.
Претходниот „шеф над шефовите“ Салваторе Тото Рина почина минатата година в затвор, во кој помина речиси 25 години поради издавање наредба за извршување на десетина убиства, вклучувајќи и убиства на најпознати италијански судии.