Хумана страница – Јавна дебата и доделување награди во Прилеп за најдобри инклузивни практики
Минатиот петок во Прилеп се одржа јавна дебата на темата „Промени и предизвици во спроведувањето на инклузивното образование“ како дел од проектот „Инклузија на децата со посебни образовни потреби“ спроведена од здружението „Отворете ги прозорците“, а со поддршка на детската фондација „Песталоци“.
Пред претставниците од локалните самоуправи, проектните училишта, основните училишта и центрите за поддршка на учењето, како и пред родителите од Прилеп, Велес и од Битола, на почетокот зборуваше градоначалникот на Општина Прилеп, д-р Борче Јовчески, истакнувајќи ги заложбите што локалната самоуправа ги прави во таа насока.
Потоа присутните дискутираа за придобивките од спроведувањето на овој проект, но и за предизвиците со кои се соочуваат, како и мерките што треба да се преземат во иднина.
Во рамките на дебатата беа доделени и награди за најдоброспроведените инклузивни практики во минатиот период.
Наградата за локална самоуправа со најдобри инклузивни практики ја доби Битола, најдобро училиште е „Васил Главинов“ од Велес, најдобар наставник Јулијана Талеска од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп, а најуспешно одделение е второ А, со наставничката Емилија Николовска Спировски од ООУ „Елпида Караманди“ од Битола.
Наградената наставничка Јулијана Талеска вели дека присуството на оваа дебата и наградата за неа се охрабрувачки фактор, додавајќи дека се потребни промени во однос на ова прашање и дека третирањето на оваа тема заслужува уште посериозен пристап.
– Потребна е стратегија што ќе има еден модел заснован на слобода. На наставниците, центрите за поддршка, ресурсните центри, на асистентите им треба слобода. Секое дете е индивидуа со различни потреби што изискува посебен пристап. Еден модел не може да функционира за сите – појаснува Талеска.
Таа зборуваше и за предизвиците со кои се соочува денешниот наставник, но и за мотивот што треба да го има, нагласувајќи дека просветната дејност не е само професија туку и мисија.
– Предизвиците се големи и, како што сè е тргнато кон пропаст, лесно е и логично човек да се откаже. Но наставничката професија е полна со противречности. Таа е благородна професија што те обврзува да бидеш тука и да помагаш, да растеш, да градиш, да поучуваш. Ние најдобро можеме да упропастиме едно општество или да го изградиме и да го измениме. Нашето влијание е големо и затоа треба да се трудиме да сензибилизираме, да наоѓаме начин да помагаме и да љубиме, да создаваме средина во која дечињата со посебни потреби ќе се чувствуваат сигурно и сакано! – заклучува Јулијана Талеска.
Ф.Д.