Шахистите на Алкалоид

Во третото коло, македонскиот првак Алкалоид извојува минимална победа со 3,5-2,5 против израелскиот клуб Бер Шева. По три кола само осум екипи од вкупно 84 останаа со максимален ефект од три побeди и во последните четири кола низ меѓусебни дуели ќе го одлучат победникот

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП

Во третото коло на Европскиот клупски куп (ЕКК), шахистите на Алкалоид имаа тежок дуел со израелскиот клуб Бер Шева, во кој извојуваа победа со 3,5-2,5. Израелската екипа, која во својот состав имаше шест велемајстори, е една од најредовните учесници во ова клупско натпреварување.
Индискиот велемајстор (ВМ) Арјун Еригаиси ја потврди својата висока класа и одличен резултатски тренд годинава со уште една победа, мошне значајна за конечниот исход во мечот. Со црни фигури го совлада ВМ Виктор Михалевски. Во рана средишница, Еригаиси го изненади противникот со многу активен потег, кој, пак, одговори со жртва на фигура за напад на кралот. Следуваа ладнокрвна одбрана и сигурна победа за Алкалоид.
Во сите други пет партии, шахистите на Бер Шева одиграа одличен меч, на високо ниво и успешно им парираа на алкалоидовите велемајстори. И покрај долгата борба, партиите завршија со реми. Стандардно, Ју Јангји покажа маратонска упорност и до 60-от потег во топовска завршница се обидуваше да најде шанса за победа.
По три кола, само осум екипи од вкупно 84 останаа со максимален ефект од три побeди и во последните четири кола низ меѓусебни дуели ќе го одлучат победникот. Преку постигнатите резултати се докажа дека најсилните осум екипи по рејтинг на крајот од третото коло се наоѓаат во водство на табелата со максимален број победи, што, иако беше очекувано, во пракса ретко се случува оти во минатото се покажало дека често имало пријатни изненадувања.
На овој турнир, кој соодветствува на фудбалската Лига на шампионите, каде што само еден клуб на крајот ќе се радува на европската титула, Алкалоид во четвртото коло за противник го имаше словенечкиот клуб Тајфун, кој е шести носител. Г.И.