Проектот „Вардарска Долина“ е од суштинско значење за Македонија

За македонската хидроенергетска ЕУ-перспектива

Како хидроинженер со поголемо искуство, имам свој став и мислење пред сѐ за хидроенергетиката во нашата држава. Во мојот 40-годишен работен стаж сум ги поминал сите скалила на еден инженер: проектант, надзорен инженер, изградба на енергетски објекти, седумнаесет години сум работел во Секторот за развој и инвестиции на ЕСМ, а шест години како проект-менаџер ја водев изработката на техничката документација на стратегискиот проект „Вардарска Долина“.

Вовед

Во развојните планови на Република Македонија секогаш се нагласуваше интересот за искористување на водните ресурси во сливот на реката Вардар. По осамостојувањето на Република Македонија, во септември 1994 година е формиран македонскиот конзорциум „Вардарска Долина“. Природните богатства на Република Македонија, вклучувајќи ги и водните ресурси, се третираат како ресурс од највисока вредност во новиот милениум, а истите тие ќе треба да се користат рационално. Во студијата ќе биде ставен акцент на користење на водите од повеќе аспекти: вода за пиење, аграр со наводнување, еколошка заштита на водите, делумна пловност, сообраќај, хидроенергија и друго. Притоа ќе се користат искуствата од францускиот модел на уредување на реката Рона, како и истражување на експертите од ЦНР и ЕДФ од Франција.

Општи податоци

Од Скопје до Гевгелија по течението на реката Вардар во средно влажна година, околу 3,5-4,5 милијарди кубни метри вода годишно ја напуштаат територијата на Република Македонија за само 60 часа. Притоа логично се поставуваат две прашања, прво, дали може да се забави водата, да се задржи барем 60 дена кога е драгоцена за наши потреби, и второ, на кој начин да се постигне истото тоа. Одговор на овие прашања дава физибилити-студијата Проектот за интегрално уредување на Вардарската Долина (ПИУВД). Студијата е резултат на истражувањата на француско-македонскиот конзорциум во период од 1994 до 2000 година. Во ПИУВД, освен главниот водотек на р. Вардар, се предвидува директно користење на двете најголеми десни притоки на р. Вардар, а тоа се р. Треска и р. Црна Река. Просторно, ПИУВД го опфаќа најзначајниот сегмент од сливот, а тоа е централното подрачје на Р Македонија, на кое припаѓа една третина од вкупната територија на државата. Во клисурниот дел на р. Треска во експлоатација беше ХЕЦ „Матка“, а во меѓувреме се изградија ХЕЦ „Козјак“, ХЕЦ „Св.Петка“. На р. Црна Река се предвидува изградба на три каскадни акумулациони електроцентрали, ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“, а во функција е ХЕЦ „Тиквеш“, значи дефиниран е систем „3+1“. На главниот водотек на р. Вардар, а тоа значи на потегот од Скопје до границата со Р Грција во должина од 200 км, планирана е изградба на 12 хидроцентрали. Две од нив се класични акумулациони: ХЕЦ „Велес“ и ХЕЦ „Градец“, во клисурните делови на долината, а другите електроцентрали се ниски, поточно брани со „булб-турбини“, а тоа значи треба да се изградат 15 (петнаесет) нови капитални хидроенергетски објекти! Сакам да нагласам дека основните параметри на овие објекти се добиени во согласност со Законот за води во ЕУ и соодветна оптимизација на многубројните предвидени податоци. Нашиот нов Закон за води е изготвен и усвоен во 2008 година и е идентичен со горе споменатиот Закон на ЕУ. Комплетната документација за физибилити-студијата на „Вардарска Долина“, со високо позитивно мислење на пет доктори на наука, е ревидирана и предадена на Министерството за градежништво и на ЕСМ-Сектор за развој и инвестиции кон крајот на 1999 година. Значи да потенцирам уште еднаш дека Секторот за развој и инвестиции при ЕСМ располага со една современа европска документација на ниво на физибилити-студија, која треба да се разработи на идејни и главни проекти. Како зачеток на размислувањата во тој иден истражувачки процес, оваа студија упатува на проспективните методи и искуства од западните земји, односно ЕУ, а особено од Франција. Целта на овој напис е да се продолжи со методолошка постапка за конципирање и изработка на идната хидроенергетска документација за искористување на хидропотенцијалот во сливното подрачје на р. Вардар, кое опфаќа 80 отсто од вкупната територија на Р Македонија.

Анализа на состојбата на техничката документација

Досега сета техничка документација се водеше преку Секторот за развој и инвестиции на ЕСМ. Факт е дека 1,2 милијарда евра годишно се вртат во секторот за енергетика, односно во ЕСМ. Не знам колкав процент од овој огромен износ на средства се користат за изработка на студии, истражување и изработка на нови проекти од областа на хидроенергетика. Од друга страна, ако се направи анализа со каква хидроенергетска документација располага Секторот за развој и инвестиции при ЕСМ, доаѓаме до катастрофални резултати. Што изработил овој сектор за последните 20 (дваесет) години?
За последните 20 години врз база на застарена и неважечка техничка документација за ХЕ „Голем Чебрен“ (документацијата е изработена од EXERGIJA – Грција во 2000-2002 година), Секторот за развој изработува 15 тендери во различни варијанти, кои пропаѓаат и не се прифаќаат од странските инвеститори. Тие не се прифаќаат затоа што се изработени по стариот закон за води од времето на бившата југословенска држава, а не по ЕУ-критериуми и закони за води. Секторот за развој само ја манипулира македонската јавност, сите македонски влади, Македонската академија на науките, се замајува самата себе. За таква работа никој не сноси одговорност. Затоа ние како држава во моментов не можеме да се пофалиме дека имаме една валидна техничка документација за кој било хидроенергетски објект, а тоа значи и да имаме готови финансиски средства не можеме да почнеме веднаш со изградба.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мои препораки за долгорочни визии

Проблемите во Република Македонија се премногу итни за да се остават на празни ветувања и на мерки што се навестување за она што е потребно да се направи на полето на хидроенергетиката. Реките се од непроценлива вредност за општеството и затоа е потребно, пред сè, да се процени нивната вредност во екосистемот, пред да се донесе одлука за нивно вреднување. Постојната физибилити-студија е на француски јазик и содржи 1.600-2.000 страници текстуален дел, табели и графички цртежи. Подлогите и обработката се од областа на повеќенаменско користење и управување со водните ресурси, како и графички подлоги за теренските услови во појасот на главниот водотек на реката Вардар. Дигитална обработка на сите овие податоци не постои.
Со завршување на физибилити-студијата при крајот на 1999 год. се потврди дека од вкупниот воден потенцијал во сливот на р. Вардар се искористени само 25 отсто, што значи постои можност за реализација на голем број објекти, како и соработка со странски партнери. Проектот „Вардарска Долина“ гледано во целина е голем проект со висока цена на чинење. Тој треба да се реализира во етапи, чекор по чекор. Македонскиот конзорциум што ја водеше и координираше студијата требаше да продолжи да ја води оваа проблематика, меѓутоа истиот тој беше расформиран во почетокот на 2000 година, по наредба на тогашниот министер за транспорт и врски Балковски, без никаква писмена одлука на Владата.
Сега е потребна сета оригинална постојна техничка документација да се собере, преведе и да се пренесе во една дигитална форма. Истата таа треба да се дополни со нови хидролошки и еколошки податоци, извршени во последните десет години. Реализацијата на иновираната студија бара да се оформи еден стручен тим од експерти што веќе работеле на оваа проблематика и помлад кадар, кој би извршил синтеза и дигитализација на обемниот материјал што веќе постои. На тој начин би се добила една иновирана работна верзија на
студијата во духот на современите потреби преку електронска обработка на податоците.
Таа во иднина ќе може да се користи како базна студија од областа на истражувањата на површинските и подземните води од страна на единиците на локалната самоуправа што се лоцирани по долината на р. Вардар од Скопје до Гевгелија. Исто така ќе можат да се користат и енергетските и економските параметри на објектите.

Европска димензија

Република Македонија како самостојна држава е политички ентитет што е одговорен за судбината на македонското општество. Едно организирано општество има потреба од еден проект за неговата иднина. Знаејќи дека државата и нацијата се формираат во подолг временски период, проектот на иднината се темели врз минатата еволуција, влијае врз сегашните односи, а уште повеќе значи за иднината на нашата млада држава. Го избравме моделот на Франција, односно проверениот и веќе изграден систем на уредување на реката Рона, со сите специфики што ги имаат просторот и конфигурацијата на теренот на сливот и долината на р. Вардар.
Со еден таков инструмент, кој треба да биде почитуван и дефиниран како дел од националната стратегија, треба да почнат перспективата на Република Македонија и нејзиното чекорење кон Европската Унија. Тоа ќе овозможи да се елаборираат колективни проекти со слобода на мислење, имагинација и рационалност.
Со тоа ќе се создадат шанси за развој и на повеќе стопански области и земјата во целина, кои директно или индиректно се поврзани со овој простор како основна развојна оска. Тоа истовремено значи надминување на сите административни граници и локални интереси и создавање перспектива за оживотворување на целите за проток на современи форми на капитал од Европа и пошироко од светот. Со тоа во значајна мера треба да се намалат разликите во животниот стандард, како и социјалните разлики меѓу Р Македонија и ЕУ.
Притоа не смее да се занемари фактот дека р. Вардар е меѓународен водотек, кој на другата страна од границата со Грција го добива името Аксиос. Тоа од своја страна потенцира дека „Вардарска Долина“ како проект не завршува на границата, туку тој природно треба да продолжи на територијата на нашиот јужен сосед сѐ до вливот во Егејско Море. Значи, се работи за меѓународен проект заедно со земја членка на ЕУ. Наведените карактеристики на Вардарската Долина како единствен лонгитудинален простор со централна положба во земјата, кој природно се надоврзува на најважните развојни оски на Балканот и Европа, кои не се значајни само за стопанскиот, водостопанскиот, еколошкиот и туристичкиот развиток на Република Македонија туку тој претставува најпропулзивен простор, кој ќе има силно влијание врз интегрирање на целиот балкански простор и негово вклучување во европските прометни и развојни текови, а со тоа и побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија.

Резиме за водотекот на реката Вардар

На почетокот напоменав дека од Скопје до Гевгелија по течението на р. Вардар, 4,5 милијарди кубни метри вода годишно ја напуштаат нашата територија за само 60 часа. Притоа логично се поставуваат две прашања, прво, дали може да се забави водата, да се задржи барем 60 дена, и второ, на кој начин да се постигне истото тоа? Одговорот е позитивен, а решенијата можеме да ги сретнеме речиси насекаде по Европа. Меѓу најтипичните примери е решението на системот на каскадни хидроцентрали по долината на р. Рона во Франција,кој е етапно граден и веќе е завршен, или системот на каскади на р. Сава во Словенија, кој е во тек на реализација.
Со забавувањето на движењето на водотекот значајно ќе се намали и транспортот на фините честички на плодна земја, што е резултат на незаштитеност од ерозија, непошуменост, односно една тотална негрижа за централниот простор на територијата на државата. За подобра претстава на состојбата ќе бидат илустрирани и некои вредносни показатели. Годишно, во согласност со мерењата од 1970-75 год., р. Вардар транспортира во делтата во Солунскиот Залив околу 1,0 милион кубни метри песок и најквалитетна плодна земја. Просечниот волумен на сите најголеми камено насипани брани изградени во Р Македонија како Мавровската, Тиквешката и браната Козјак изнесува околу 3,0 милиони кубни метри земјен насипан градежен материјал. Тоа значи дека за последните 50 години р. Вардар транспортирала материјал со кој грубо кажано можеле да се изградат 16-17 земјени брани. Најновите мерења извршени во Грција во 1995-2000 година покажуваат дека транспортот на фини честички се зголемил на 1,8 милион кубни метри годишно, што значи процесот на девастација значајно прогресира.

Што понатаму за енергетската стратегија?!

Ако направиме кратка анализа на претходно напишаното, ќе констатираме дека последните 25 години кај нас во нашата енергетска стратегија се работело без каква било визија и програма. Тоа ќе го поткрепам со примери:
– Во 2000 година се завршува каскадниот систем на хидроцентрали на р. Треска.
– Наместо да се продолжи на системот на р. Црна Река, бидејќи веќе имаше обучен кадар и големо искуство се напушта тој концепт.
– Се распушта конзорциумот „Вардарска Долина“, кој почна да работи на идејниот проект за каскадниот систем на р. Црна Река. Со тоа се изгуби чекорот на реализација на нови хидротехнички објекти.
– Се изгради ТЕ „Неготино“ и во 1980 година се конзервира и служи како „златна резерва“, значи не работи, а се чува и плаќа кадарот и одржувањето значи создаваат загуби.
– Се изгради РЕК „Битола“ и никогаш не работел со комплетни три блока, а багерскиот систем многу често е во дефект, па ископот на јаглен се врши со градежна механизација, што е основен извор на загуби и корупција. РЕК „Битола“ наместо да биде профитабилна термоцентрала, таа е најголемиот загубар во државата. Наместо да вработува околу 1000 работници во однос на инсталираната моќ и со рудник, таму се вработени 2.500 работници!
– Се одлучува во 2006-2007 година да се градат мали хидроцентрали со неповратни инвестиции доделени на поединци од државата, што е најголемо зло за екологијата и хидроенергијата, а и најголем извор на криминални и коруптивни дејствија на највисокиот ешалон во државната управа. Со парите потрошени за овие мали хидроцентрали досега ќе можеше да се изгради каскадниот систем на р. Црна Река.
– Што станува со гасоводниот систем и предвидените ТЕ-ТО во Скопје и ТЕ „Неготино“ не сакам да пишувам затоа што немам доволно информации.
– Да не пишувам за големи ветерни паркови, иако нема ветер во Р Македонија, големи фотоволтаици итн.
– Ќе завршам со последните „бисери“ за изградба на нуклеарна електроцентрала со касетни или батериски реактори во регионот на Мариово, за што не постојат кадар ниту какви било истражни работи.

Заклучок

Во сегашната состојба, на македонската хидроенергетика ѝ треба итно да се рестартира за долгорочно времетраење и во геополитички рамки. Како почеток на размислувањата во тој истражувачки процес физибилити-студијата „Вардарска Долина“ упатува на проспективните методи и искуства од поразвиените земји, особено од Франција (ЦНР и ЕДФ), кои располагаат со комплетните мерни податоци од петгодишна истражувачка работа во нашата земја.
Не споредувајќи се, но учејќи од искуствата на понапредните земји, можно е да се создадат принципи за оформување автентична македонска постапка за истражување со долго времетраење и хидроенергетска стратегија, која ќе биде прифатена од сите релевантни фактори.
Како ќе се постигне горенаведеното:
1. Повторно формирање на македонски конзорциум „Вардарска Долина“, кој би функционирал како независно акционерско друштво, надвор од рамките на ЕСМ.
2. Конзорциумот би функционирал и би работел во многу слична организациска и стручна форма како Институтот ИЗИИС-Скопје, меѓутоа би работел исклучиво со хидроенергетска и водостопанска проблематика. Тој треба да ги води, управува и да ги проектира хидротехничките објекти.
3. Единствена институција што ги едуцира младите кадри во оваа насока е Градежниот факултет од Скопје со насока хидротехника. Годишно на оваа насока се запишуваат пет-шест студенти, што е премалку во однос на потребите и амбициозните задачи што претстојат во наредните 50 години.
4. Сите енергетски објекти чие основно погонско гориво се: јагленот, гасот, ветерна енергија, сончева енергија и нуклеарна енергија да ги преземе и раководи ЕСМ.