Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2024 година за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Македонија.
Наградата „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста му се доделува на поетот Славе Димоски.
Претседател на одборот за доделување на наградата „23 Октомври“ е Блаже Миневски. Наградата ќе му биде врачена на добитникот на 23 октомври, во 12 часот, во Собранието на Македонија.
Славе Ѓорго Димоски е роден во 1959 година во Велестово, дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Живее во Охрид. Работи како професор по македонски јазик и литература. Пишува поезија за деца и за возрасни. Застапуван е во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици (англиски, руски, српски, летонски и други). Димоски е основач на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, кој традиционално се организира секое лето во неговото родно село. Исто така бил и директор на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“ Добитник е на многу книжевни награди, меѓу кои и наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“ и „Климент Охридски“.