Според најновата објавена листа на „Тајмс хајер еџукејшн“ (ТХЕ) за високо образование за 2025 година, Универзитетот во Оксфорд ја задржа својата позиција како најдоброрангиран универзитет во светот деветта година по ред. На второ место е Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), додека универзитетите „Харвард“ и „Принстон“, кои напредуваа од шестото на четвртото место, се меѓу водечките. Универзитетот во Кембриџ остана на петтото место, исто како и минатата година, додека Универзитетот „Стенфорд“ падна од второто на шестото место. Највисокорангираните универзитети главно се од САД и од Велика Британија и доминираат на топ 10 листата. Седум универзитети се од САД, додека другите три се од Обединетото Кралство, вклучувајќи го и прворангираниот „Оксфорд“.
Најновата листа вклучува повеќе од 2.000 универзитети од 115 земји и региони, а рангирањето се заснова на 18 индикатори за успешност поделени во пет категории: настава, истражувачка средина, квалитет на истражувањето, меѓународна репутација и индустрија.
Втора година по ред, азиските универзитети се најзастапени на листата. Европските институции бележат постепен пад, додека универзитетите во Азија, особено во Кина, Јапонија и во Јужна Кореја, бележат пораст.
– Конкуренцијата во рангирањето се зголемува од година на година, особено поради брзиот напредок на универзитетите од Азија – предупредува Фил Бејти, главен глобален директор на ТХЕ.
Земјите како Франција, Холандија и Швајцарија се соочуваат со пад на нивните универзитети во рангирањето. Осум од 12-те рангирани универзитети во Холандија, на пример, забележаа пад, при што Универзитетот за технологија „Делфт“ падна на 56-то место. Во Франција, рангирањето на 19 од 50 универзитети падна, а десет го постигнаа своето најниско рангирање во историјата. Швајцарските универзитети, исто така, забележаа пад, иако земјата сè уште има високорангирани институции.
И покрај овие трендови, некои европски земји постигнаа напредок. Германија постигна успех со Техничкиот универзитет во Минхен, кој беше рангиран на 26-то место – највисоко рангирање досега за германски универзитет. Иако Обединетото Кралство има најголем број високорангирани универзитети, земјите како Германија, Франција и Холандија се исто така силно претставени со повеќе универзитети на глобалната топ 100 листа.
Нордиските земји, особено Шведска, Данска и Финска, бележат постојан напредок во глобалното рангирање. Шведскиот институт „Каролинска“ го задржа своето место во топ 50, искачувајќи се на 49-то место, додека данскиот Универзитет во Копенхаген влезе во првите 100 на 97-то место. Според вкупните резултати за 2025 година, трите најдоброрангирани универзитети во Европа доаѓаат од Велика Британија: Универзитетот во Оксфорд, Универзитетот во Кембриџ и „Империјал колеџ“ во Лондон. Швајцарскиот ЕТХ – Цирих беше рангиран на четвртото место во Европа и на 11-то на глобално ниво, додека Универзитетскиот колеџ во Лондон беше рангиран на 22-то место на глобално ниво.
Германија се истакна и во европските топ 10, со Техничкиот универзитет во Минхен (26. место на глобално ниво) и ЛМУ – Минхен (38. место на глобално ниво). Меѓу другите високорангирани европски универзитети се францускиот Универзитет за истражување и белгискиот „КУ Луевен“, и двата во првите 50 универзитети во светот.