По повод Светскиот ден на менталното здравје
По повод Светскиот ден на менталното здравје во фоајето на домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар беше отворена ликовната изложба „Визуелни спознанија“. Станува збор за серија ликовни дела што содржат интимни приказни на самите автори. Сликите се визуелен говор на потсвесните емотивни и психолошки состојби на учесниците и истите тие во голема мера се од големо значење во областа на спонтаното творештво и арт-брут уметноста.
Изложбата е резултат на сликарската работилница одржана во Психијатриската болница годинава, под менторство на уметникот Тони Попов и центарот за креативни индустрии НЕБО, а финансиски е поддржана од Министерството за култура преку програмата проекти од национален интерес во културата за 2024 година.
– Од 2018 година центарот за креативни индустрии НЕБО активно работи на темата ментално здравје и преку своите активности во соработка со Психијатриската болница во Демир Хисар за залага за издигање на свеста за важноста на менталното здравје и разбивање на стигмите околу менталните болести. Сликарските работилници организирани од страна на ЦКИ НЕБО имаат терапевтска функција, чија цел е увид во психолошко-емоционалните состојби, кои за време на креативното творештво визуелно се пресликуваат и стануваат одраз на сите потсвесни состојби со кои човекот секојдневно се соочува – велат од центарот за креативни индустрии НЕБО.