Венко Андоновски се збогува со Михаил Ренџов
Си замина последниот голем лиричар од моите учители: Михаил Ренџов, драгиот Мише. Во книгата „Воскресението на читателот“, тој, Петре М. Андреевски и Анте Поповски ги прогласив за мое Свето Тројство во македонското лепословие. За него имам објавено стотина страници досега.
Без него, македонскиот јазик, јазикот на поезијата, останува како без еден вокал. Пробајте да пишувате без вокалот А, на пример.
Ренџов пишуваше не со рака (иако не се откажа докрај од ракописот), туку со уво и од срце. Затоа и беше крал на музикализираната песна: псалмите му беа Монблан, а сонетот му беше Монт Еверест. Свиреше окарина и други дувалки, и рано наутро нè будеше со својот дах во дувалката, и на „Струшките вечери на поезијата“, и на „Галичката книжевна колонија“. Со истиот дах ја свиреше и својата поезија. Поезијата му беше дишење.
Сега, кога веќе не дише (не е мртов, само не дише повеќе), остануваме ние да дишеме со неговата ненадминлива лирика, чист лирски кислород. Те испраќам, драг пријателе, со до видување и со еден фрагмент што ти многу го сакаше од мојата Вештица: Да ти кажам, да не кажеш потем дека не сум ти рекла: смртта е врата. И љубовта е врата. Истата врата, оти и по смртта во иста куќа уште си, иако во друга одаја. Затоа, не плачете по мртвите: во истата куќа се, само во друга одаја. И не плачете по разделените љубовници: во иста куќа се, во истата вселена, како и мртвите и живите, само во различни одаи.