Фото: Влада на РМ

Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот српски колега Вучевиќ на средбата во Скопје изразија низа ставови што се совпаѓаат

Заедничката визија за евроинтеграциите, можностите за продлабочување на економската соработка и предизвиците со кои се соочува регионот биле во фокусот на вчерашната средба на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со српскиот колега Милош Вучевиќ, како што беше посочено на заедничката прес-конференција.
– Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи – изјави премиерот Мицкоски.
Тој напомена дека зборувале и во делот за енергетското поврзување на двете земји.
– Ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор што ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сега сме во фаза на завршување на тендерската постапка со која конечно ќе почне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа – нагласи Мицкоски.
Српскиот премиер Вучевиќ нагласи дека Македонија и Србија имаат традиционално добри односи. Тој се согласи со Мицкоски дека клучни за Србија е изградбата на интерконекторот и на нов пат за снабдување со природен гас за Србија преку Македонија.
– Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Ние ѝ даваме целосна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мораше од поодамна да ѝ даде можност на Северна Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија – заклучи Вучевиќ при официјалната посета на Македонија. Н.М.