Фото: Пиксабеј

Во „Мета“ оправдано предвидуваат дека тинејџерите ќе се обидат да ги заобиколат правилата, па затоа тестираат мерки како да го спречат тоа

Тинејџерите што имаат сметки на Инстаграм, како и оние што планираат да отворат, автоматски ќе бидат префрлени на новиот режим на дополнителна заштита на приватноста. Тоа ќе им овозможи на родителите (или старателите) да ги следат активностите на своите деца на оваа популарна мрежа, објавија од „Мета“.
Сметките на Инстаграм на сите корисници на возраст под 18 години, вклучувајќи ги и професионалните создавачи на содржини и влијателните лица, автоматски ќе станат „тинејџерски сметки“. Тие, стандардно, ќе бидат приватни и можат да станат јавни само ако родителот го одобри тоа, а потоа и може да ги следи активностите на детето. Корисниците на возраст под 16 години исто така ќе треба да добијат дозвола од своите родители доколку сакаат да ги променат поставките на својата сметка. Оние постари од 16 години ќе можат да го сторат тоа без родителско одобрение, но само ако нивните сметки сè уште се под родителски надзор.
Во „Мета“ со право предвидуваат дека тинејџерите ќе се обидат да ги заобиколат овие правила, па затоа тестираат мерки да го спречат тоа. Ова првенствено се однесува на очекуваните обиди на тинејџерите да ги променат датумот и годината на раѓање или да отворат нови сметки со лажен датум на раѓање. Но ќе бидат активирани нови алатки засновани на вештачка интелигенција, кои на Инстаграм ќе овозможуваат да се одреди вистинската возраст на тинејџерите.
Се разбира, тука е проверката на „стариот добар“ документ, па ако некој што има една сметка на истиот телефон се обиде да создаде нова, Инстаграм ќе побара потврда за неговата возраст со внесување информации од лични документи и/или самослик-фотографија.