Многу сум среќен што успеав да освојам медал. Имав голема поддршка од тимот. Голема благодарност и до мојот тренер, ВМ Трајко Недев, кој ме подготвуваше за време на турнирот, и до мојот клуб ШК Алкалоид, кој секогаш ме поддржува, изјави Тони Лазов
Актуелниот државен првак на Македонија во шах и член на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, го постигна најголемиот успех во кариерата, на Шаховската олимпијада (ШО), која заврши во Будимпешта, освојувајќи сребрен медал за својот индивидуален настап на втората табла, со одличен рејтинг-перформанс (2763). Лазов игра во одлична форма последниве две години, при што претходната година на Европското екипно првенство освои велемајсторска норма, која и овој пат му беше на дофат. Со освоени извонредни 7,5 бода од осум партии (седум победи, од кои две извојувани на првата табла, и само со едно реми), тој се етаблира како иден лидер на националната селекција. Наедно, на својот актуелен рејтинг од 2.360 поени, сега ќе додаде нови 33 освоени на ШО.
Откако го започна турнирот со уверливи победи против послабо рангираните селекции, во четвртото коло тој ремизира со холандскиот велемајстор Јорден ван Форест (2696 рејтинг, триесет и петторангиран во светот), а за да влезе во игра за медал, пресудни беа победите над ВМ Јаник Пелетие (2526) од Швајцарија и над ВМ Каспер Пиорун (2599) од Полска.
– Многу сум среќен што успеав да освојам медал. Имав голема поддршка од тимот. Голема благодарност и до мојот тренер, ВМ Трајко Недев, кој ме подготвуваше за време на турнирот, и до мојот клуб ШК Алкалоид, кој секогаш ме поддржува – изјави Тони Лазов.
Со овој успех 24-годишниот Лазов се приклучува кон „клубот на медалисти“, во кој досега беа тројца негови колеги од ШК Алкалоид: ВМ Драгољуб Јаќимовиќ има златен медал од Олимпијадата во Истанбул во 2000 година на третата табла, ВМ Трајко Недев има бронза од Олимпијадата во Ереван во 1996 година на четвртата табла, а, пак, единствената дама во ова друштво е Весна Секуловска, чиј медал е освоен на Европското екипно првенство во Пловдив во 2003 година, сребро на втора табла. Наедно, неговиот тренер ВМ Трајко Недев е единствениот што има и сребрен медал од ЕП 2003, освоен на третата табла, и сребрен од Светското првенство за шахисти над 50 години во 2023 година, на втора табла.
Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја почна во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст. Лазов беше единствениот член на ШК Алкалоид во составот на машката репрезентација на Македонија на ШО во Будимпешта. Тимот го почна турнирот како рангиран на 62-то место, а во конечниот пласман заврши на 61-то место меѓу 188 екипи што настапија. Репрезентативците имаа шест победи и пет порази и освоија 12 бода, еден повеќе од женската екипа. Женската репрезентација беше рангирана на 57-то место, а го освои 77-то место меѓу 169 екипи, славејќи четири победи, три средби завршија со поделба на поенот, а доживеа и четири порази.