Кинотеката на Македонија во соработка со партнерите, кои се дел од проектот „… и акција!“ во рамките на програмата „Еразмус плус“, ја изработи веб-платформата насловена Andactionproject.eu, која е достапна за сите граѓани. Оваа платформа нуди обука за креирање видеосодржини за наставни цели. Секој граѓанин што е заинтересиран за оваа обука може да се регистрира на платформата и да ја заврши обуката. Платформата е на македонски јазик.
Како завршна фаза и продукт од овој проект, веб-платформата за проектот веќе може да се користи на англиски и на македонски јазик, а за многу кратко време ќе биде целосно подготвена на шест јазични верзии – македонски, англиски, шпански, словенски, српски и бугарски јазик. На платформата е достапна и методологијата на овој проект, а во неа се содржи целосното истражување, кое се направи во рамките на проектот, а чија цел беше да се истражи потребата од креирање видеосодржини за едукативни цели.
Кинотеката на Македонија, поддржана од Европска Унија, е носител на овој проект, а партнери во проектот се Здружението за образование во областа на природните науки, уметностите и архитектурата (Словенија), „Ириг мој град“ (Србија), асоцијацита „Екстремундо“ (Шпанија) и Здружението за образование, историја и култура (Бугарија).